за

Новиот Сузуки Свифт почнува во Германија од 18.900 евра

Седмата генерација на Сузуки Свифт доаѓа вообичаено во три нивоа на опременост, испораките почнуваат кон завршетокот на април, се очекува и македонската премиера.

Новата генерација на моделот на Сузуки што си ги наоѓа купувачите насекаде низ светот, доаѓа без гласни најави, затоа што по традиција го нуди точно тоа што купувачите го очекуваат од модел од класата на Свифт.

Додека се очекува македонскиот увозник да ја најави домашната премиера на важниот модел, на новата генерација на Свифт, доаѓаат неколку воведни информации од германскиот пазар.

Главната вест секако е во тоа што Сузуки Свифт, не само што стартува под 20.000 евра, туку далеку под тоа, од 18.900 евра. Станува збор за класа што стана неисплатлива за производителите на автомобили, главно поради тоа што според новите и строги барања на законодавството, новите модели и од градската класа мора да имаат напредни системи за асистенција, и уште поважно, скап систем за пречистување и контрола на издувните гасови.

Додека повисоката цена поради овие ставки се кешира кај поскапите и поголеми автомобили, кај градските модели повеќе се чувствува тоа оптоварување. Излезе дека Сузуки сепак може и тоа да го изменаџира. Главната предност на Сузуки наспроти европските производители, што веќе „побегнаа или ќе бегаат“ од класата, е во тоа што Јапонците настапуваат глобално, место регионално. Високата продукција на новиот Свифт ќе надомести за повисоката цена поради новите системи за безбедност и чиста средина.

Дизајнот отстапува од сите шеми и главно привлекува внимание со формата на хаубата и со сјајно лакираната црна маска, меѓутоа новиот модел и во целина донесува освежување. Тоа што Сузуки го направи добро со претходната генерација, сега го прави уште подобро: Шедливи мотори, напредни системи за безбедност и лесно поврзување со смартфон.

Новиот Свифт доаѓа во трите нивоа на опрема Клуб, Комфорт и Комфорт+. Погон на сите тркала или менувач со безстепен пренос се достапни и кај новиот модел. Сериската опременост е збогатена значително.

Нивото Клуб за германскиот пазар вклучува навигација, пристап без клуч, приспособлив темпомат и диодни светла. Во новиот Свифт ќе може да се користи и Сузуки Конект, за смартфонот да се поврзе со возилото. Тоа досега беше достапно главно во С-Крос и Витара, како и во заедничките модели со Тојота.

Бидејќи новите закони на ЕУ го бараат тоа за секој нов модел по јули 2024 година, Сузуки Свифт доаѓа со предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, систем за задржување во лента со зафат во управувањето, камера за знаци, предупредување за возило во мртов агол, како и предупредување при излегување од паркинг наназад, додека друго возило наидува попречно.

Второто ниво е Комфорт, во Германија почнува од 20.400 евра, дополнотелно со тркала од лесен метал од 16 инчи, кожен волан, грејачи во предни седишта, радио со шест звучници и два УСБ-приклучоци, како и затемнети задни стакла. Тука може да се избира и за една од четирите двобојни комбинации за каросеријата. Нови се сина металик со бисерен ефект и жолта металик.

Во врното ниво Комфорт (од 21.100 евра) доаѓаат автоматска клима со филтер за полен, собирање на ретровизори со странични трепкачи и полирани тркала.

Новиот трицилиндарски бензинец се одликува со ниска потрошувачка

Во целата гама се нуди само еден мотор, тоа е нов 1,2-литарски трицилиндарец со Дуалџет-впрскување и 82 КС. Потрошувачката според норма изнесува 4,4 литри. Вредноста е пониска во споредба со претходникот, емисијата е почиста и се постигнува повисок вртежен момент при пониски вртежи, односно моторот повлекува порано. Место 5-степен менувач, може да се избере безстепен автоматски менувач.

Веќе стандардно за Сузуки Свифт, моторот работи со 12-волтен стартер-генератор, односно тоа е благ хибриден погон. Енергијата од сопирањето се акумулира во малечка литиум-јон батерија.

Внатрешноста следи класична шема, со убав детал во тоа што двобојната арматурна табла продолжува и во вратите. Првпат во Сузуки Свифт е достапен средишен дисплеј од 9 инчи.

Багажникот собира 265 литри, не вклучувајќи го просторот оздола. Долниот раб на багажникот е за 11 милиметри пониско, за полесно товарење во споредба со претходниот модел.

Цените за Сузуки Свифт во Германија, во евра

1.2 Дуалџет Клуб, 5МТ

18.900

1.2 Дуалџет Комфорт, 5МТ

20.400

1.2 Дуалџет Комфорт, ЦВТ

22.000

1.2 Дуалџет Комфорт, 5МТ, 4х4

22.200

1.2 Дуалџет Комфорт+, 5МТ

21.100

1.2 Дуалџет Комфорт+, ЦВТ

22.700

1.2 Дуалџет Комфорт, 5МТ, 4х4

22.900

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дачиа Дастер најпродаван модел во јануари, Киа Спортаж веднаш по неа

Формата пред моторот: Мерцедес-АМГ со дволитарец за пуристи