за

Дачиа Дастер најпродаван модел во јануари, Киа Спортаж веднаш по неа

Во јануари на македонскиот пазар биле продадени 420 нови лесни возила, незначително повеќе од истиот месец лани.

Според неофицијални податоци, од вкупно продадените 420 нови возила, 344 се патнички автомобили, останатите 76 возила се лесни доставни возила. Во споредба со јануари лани, тоа се 5 патнички возила повеќе и три доставни возила помалку, односно вкупно половина процент раст на пазарот.

„Се посрамотуваме секогаш кога партнерите и компаниите со коишто сакаме да соработуваме ќе ни побараат да им доставиме официјални податоци за продажбата на нови автомобили во Македонија“, кажува еден од топ-менаџерите во автомобилскиот бизнис во земјава. Официјална статистика што ја следи продажбата на автомобили во Македонија не постои. Основниот инструмент во бизнисот, појдовната точка за секое поставување стратегија е премногу софистицирана категорија за начинот на којшто е организирана оваа земја.

Дури и од смартфон, од Попова Шапка, може во секое време да добиете подробен преглед колку возила се продадени во Германија во претходниот месец, по марки и модели, по вид на гориво – бензин, дизел, метан, автогас, хибрид, електро – колкава е просечната емисија на ЦО2, колку се продавало по сојузните покраини, по боја на каросерија, по возраст на купувачот, по вид на плаќање, по основно занимање на купувач. Од истата земја пред неколку денови пристигна статистика дека над 68.000 Македонци се иселиле во Германија во последните две години. Тоа најверно ја отсликува „боза и семки“ политиката во земјава.

Што се однесува до поубавите вести, јануарски шампион по марки е Шкода, со продадени 50 возила. Дачиа следи на второто место со 45 возила, пиедесталот го комплетира Киа со 39 возила. На овие три марки што најчесто се појавуваат во Топ 3, отпаѓаат 38,9 проценти од продажбата во првиот месец од годинава. Две од секои пет продадени возила во јануари биле Шкода, Дачиа или Киа.

По модели, води Дачиа Дастер со 44 возила, што соодветствува на дури 10,5 проценти од вкупната јануарска продажба на патнички возила. Колку што за романскиот СУВ често се решаваат државни институции, толку и приватните компании ги привлекува овој модел. Секако и приватните купувачи.

Втора е Киа Спортаж, најпродаваниот модел во Македонија во 2023 година, со 20 примероци во јануари. Третиот најпродаван модел повторно доаѓа од Аутомотив Груп, односно од Рено-Нисан-Дачиа, тоа е доставниот модел Рено Експрес, базиран врз Дачиа Докер.

Шкода Камик ја задржува високата продажба динамика и со 15 примероци го дели третото место со Рено Експрес. Во декември, тој беше најпродаван модел во Македонија, трет во цела 2023 година.

Од дванаесетте најпродавани модели во јануари, само три се во годишниот Топ 10 лани

По Хјундаи и30, што ретко се појавува меѓу најпродаваните, следи еден пазарен евергрин, Тојота Корола со 12 возила, вицешампионот од минатата година. Ситроен Ц3 ја заврши минатата година како 4-ти најпродаван модел и со 11 возила е на 7-то место, иако е за очекување дека францускиот градски модел ќе продолжи да се појавува повисоко во продажбата.

Најпродавани марки патнички автомобили во јануари во Македонија во јануари ’24

  • Шкода: 50 возила
  • Дачиа: 45
  • Киа: 39
  • Тојота: 35
  • Хјундаи: 23

Тојота Јарис е освежување со 11 возила, едно повеќе од уште еден модел што зема залет, Пежо 2008 по фејслифтот, којшто и еден месец претходно имаше добар камбек, на петтото место. Топ 10 го заокружуваат Киа Стоник, Рено Мастер и Шкода Фабиа (8-ма во декември), со по девет продадени возила во првиот месец од годината.

Зошто системов е неспособен да изведе една најобична статистика, што барем ќе ги прикажува најпродаваните марки и модели, месец за месец?

Од една страна, увозниците на автомобили – вистинските, не препродавачиве на искористени, подукрадени и изманипилирани автомобили од европските и бугарски отпади – веќе подолго од една деценија немаат здружение што ќе ги застапува нивните интереси и права пред државата.

Од друга страна, сосем е јасно дека институциите немаат способност и не располагаат со механизам за да изведат такви суштински, најосновни информации. Незаинтересираност, незнаење како да се изведе собирање и делење, иако увозниците мораат редовно да доставуваат најдетални податоци за секој продаден автомобил. Информацијата постои, меѓутоа како последица на дилентантизмот, со тие вредни информации не се умее да се постапи.

За да се воспостави спрега меѓу потребите на увозниците и податоците, суштинско е да се врати здружението на увозници на нови автомобили, коешто понатаму ќе преговара, ќе организира, ќе плаќа за услугите. Така функционира тоа во нормалниот свет.

Најпродавани модели на патнички автомобили во јануари во Македонија во јануари ’24

(во неофицијалната статистика отсуствуваат неколку марки)

Марка и модел Возила
Дачиа Дастер 44
Киа Спортаж 20
Рено Експрес 15
Шкода Камик 15
Хјундаи и30 13
Тојота Корола 12
Ситроен Ц3 11
Тојота Јарис 11
Пежо 2008 10
Киа Стоник 9
Рено Мастер 9
Шкода Фабиа 9

Сосем друга димензија, побрутална и уште повеќе посрамувачка од немањето статистика за продажба, се покажува ако се земе предвид, колку на македонскиот народ, прво му беа „украдени“ пари со тоа што од бугарските отпади наивно се купуваа автомобили со „186.000 километри“. Колку овој народ потроши пари за поправка на преискостени автомобили за коишто токму Македонија се нашла најпаметна да ги купува и да им дава вредност?

Колку народ низ сиве години загина од загаден воздух, од тоа што „системов“ уште нема сфатено дека отпадот што им е ефтин по европските и бугарски авто отпади, ефтин е затоа што тој загадува – директно со кобните ПМ-честички – и останува ефтин затоа што 50-илјади терачи на бугарски лимузини со својата „револуција“ пред деценија и пол се изборија токму за тоа, за народот да остане без заштита што преку скапи даноци ќе оневозможи довлечкување на загадувачкиот авто-отпад.

Зошто народот денес повеќе се смее на новите автомобили, отколку што ги обожува – поради пародиите на избор на автомобил на годината во Македонија и дирекното уништување на култот на автомобилите на тој начин

Уште еден пример за „колку е часот“. Неколку замислени автомобилски новинари, здружени како владејачкава коалиција пред прогон, деновиве масовно ѝ наштетуваат на сцената со пародиите на вистинските избори на автомобил на годината, именувани како златни тркала или самопрогласени како божемно национално жири. Тоа е вистинската круна на банализирањето на култот на автомобилите што владееше во некогаш нормалната земја, со нормалните автомобили, што патем уште се возат по македонските патишта. Тие другите полнат отпади.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Седумседот на Пежо во новата генерација ќе привлекува со електричен погон

Новиот Сузуки Свифт почнува во Германија од 18.900 евра