
Со промените што дозволуваат возачи со Б-категорија, со поминување неколкучасовна теоретска обука во автошколите, да управуваат со мотоцикл со зафатнина до 125 сантиметри кубни, зголемена е продажбата на овие мотоцикли, јавуваат од Миркат, увозник на автомобили и мотоцикли Сузуки во Македонија.
Пред новиот закон, возачите со Б-категорија мораа посебно да полагаат практичен испит за да добијат дозвола за управување возило од А1-категорија со зафатнина до 125 сантиметри кубни, исто како за големите мотоцикли. Освен што тоа повлекуваше дополнителни трошоци за стекнување дозвола, возачите на патнички автомобили се двоумеа и поради процедурата на полагање. Сега тоа е сменето.
Се покажуваат и првите резултати од промените. Сузуки бележи зголемена побарувачка за своите модели со зафатнина до 125 сантиметри кубни. Јапонската марка во моментов има три скутери во понуда во оваа категорија. Тоа се познати модели на сцената, различно од напливот од кинески марки, и соодветно се ценети.
Најдостапниот модел е Адрес 125 со цена од 3.190 евра, со 4-тактен мотор со воздушно ладење и два вентили, моќност од 9 КС и потрошувачка од 1,9 литар бензин на сто километри. Адрес е тежок 105 килограми и користи предно тркало од 12 инчи и задно тркало од 10 инчи. Тоа му дава лесна управливост во градската средина.
Над него е позициониран Авенис 125, со подинамичен стил, по пример на големите мотоцикли на Сузуки. Моторот е ист како во Адрес, што важи и за меѓуоскиното растојание и големината на тркалата. Цената на Авенис е 3.290 евра.
Бургман е големото име на Сузуки во светот на скутерите, ценето по комфорот и практичноста. Моделот Бургман Стрит 125 Е Икс се потпира врз имиџот на големата 400-ка, но затоа и нуди цена од 3.490 евра, наспроти големиот брат што чини 9.990 евра. Задното тркало тука добива иста димензија од 12 инчи, како предното, а соодветно е поголемо и меѓуоскиното растојание (1.290 милиметри), што прави возењето на правец да биде посмирено. Тежината е незначително зголемена на 112 килограми.















