Должина од 3,7 метри, своевремено беше точно по мера за градски модел, во времето на Volkswagen Polo од 3-та генерација. Тогаш и 50 КС беа сосем доволни. Клима уред беше луксуз, централна брава се вградуваше отпосле, дури откако ќе се потсобереа пари за тоа. Денешниот Suzuki Ignis го нуди стандардно сето тоа што беше луксуз на времето, единствено остана непроменета должината. Но, еден друг квалитет најмногу доаѓа до предност.
Suzuki Ignis е едно мало чудо на специјалистот за градски автомобили. Кога ќе се погледне колку овој модел е компактен и хомоген, како топче, не е за очекување дека во кабината ќе се доживее толкава просторност. Како визуелен трик, тешко е да се насети однадвор колку можело да биде просторен автомобил со толкави димензии. Но, тоа е специјалноста на Suzuki. Како што Mercedes-Benz рутински изведува совршен Е-Class од генерација во генерација, така марката што во маската ја има истата буква што Супермен ја има на костумот, прави новите градски модели да бидат уште подобри од претходните, без да се напушти смислата на моделот.
Вистина е дека цената од близу 15.000 евра за основниот модел, само до пред некој месец се чинеше дека е „височка“. Но, колку ли само се сменија нештата за неполна половина година. Денес одвај може да се исправат сите прсти, додека се набројуваат моделите во категоријата на цени на Ignis. Ова се всушност вистинските пет минути на моделот.
Одеднаш светот почнува да се интересира за благиот хибриден погон во градскиот автомобил на Супермен. Suzuki вели дека 1,2-литарскиот четирицилиндарец (4 цилиндри, ниту еден помалку!) располага со 83 КС и возилото лесно 860 килограми го спринтува до темпо сто за 12,7 секунди. И крајната брзина е погодена, 165 km/h. Некој ќе рече, градски автомобил.
Моторот во Suzuki Ignis докажува дека во корпорацијата се произведуваат и мотоцикли Suzuki, како Hayabusa, на пример. Со ознака K12D, моторот од генерацијата Dualjet, располага со две брегасти вратила, но и со варијабилна работа на вентилите (VVT), и во вшмукувачкиот и во издувниот тракт. Тоа значи дека, моторот од една страна е способен да повлече солидно уште при ниски вртежи, за горивото да не оди во неповрат при секое забрзување. Од друга страна, моторот може да дише со полни гради при високи вртежи, кога ќе се побара максимална моќност и динамика.
Ознаката Dualjet се однесува на двојните прскалки за гориво, коишто имаат за цел да се намали потрошувачката. Поставеноста на прскалките непосредно до вшмукувачките вентили овозможува пофино распрскување на горивото, а со тоа и поефикасно согорување
Посебноста на секој Ignis е благиот хибриден погон. Станува збор за стартер-генератор, што ги заменува одделните стартер (алнасер) и генератор, со една единица. Овој стартер-генератор (ISG) е поврзан со коленастото вратило преку ремен. Една од неговите задачи е да го стартува моторот. Поради ременот и самата конструкција на ISG, моторот стартува меко, тивко и брзо. Кусо, неосетно. Тоа е голема придобивка за комфорот во возењето во градското секојдневие.
При одземање гас, било да е тоа пред семафор, на надолнина, кога има метеж или застој напред, ISG дејствува како генератор, односно енергијата на залетот ја претвора во електрична енергија. Таа енергија се акумулира во малата (и уште поважно, евтина) литиум-јон батерија. Енергијата е доволна за ISG да му асистира на моторот при поаѓање, на нагорнина, при забрзување. Тоа е кусо и мала е количината на енергијата, но сосем е доволно да се намали потрошувачката. Вредности за потрошувачката со петка пред запирката се постигнуваат лесно и без мака, практично загарантирано. ISG во основа е електромотор од 2,3 kW и вртежен момент од 50 Nm. Батеријата е со капацитет од 120 Wh. Перфектно. Поради цената.
Просторноста не е проблем, функционалноста е беспрекорна, се седи повисоко и се добива одлична прегледност. Димензиите се компактни и тоа е вистинскиот квалитет на Ignis. Секојдневието е многу поедноставно, било да станува збор за лесно спровнување низ градскиот метеж, било да станува збор за паркирање или маневрирање во тесен простор. Сите регистри говорат во прилог на овој „Maruti 800“ на 2020-те.
Вистинскиот талент на Suzuki Ignis допрва следи. Тоа е погонот на сите тркала. Две илјади евра. Толку чини комоцијата да се има способен погон на сите тркала. Suzuki, патем, специјализиран е и за погон на сите тркала. Ете го за пример Jimny, а ништо послаб пример не се Vitara или новиот S-Cross. Бидејќи Јапонциве од Хамамацу работат чесно, 4WD е достапен уште во основното ниво GL.
Опременоста го заокружува „пакетот“ на овој малечок, способен и штедлив автомобил за сите предизвици што ни ги донесе постпандемискиот свет. Македонскиот увозник штиклирал сé уште во нивото на опрема GL. Тоа значи: 6 воздушни перници, комплет комфорна електрика за ретровизори, врати и прозорци, клима уред, патен компјутер, радио, диодни предни светла, магленки, украсни детали во кокпитот во контрастна боја. Во верзијата 4WD стандардно се вградуваат и грејачи во предните седишта, во ретровизорите, кровни шини и заштита на арките.
Во топ-нивото GLX, следат уште навигација, темпомат, автоматика за клима уредот, пристап без клуч, кожа на воланот, којзнае уште што сé има. Дури и во тој случај, цената останува 18.900 евра. Suzuki Ignis, нека ти е среќна горивно скапата и инфлаторска 2022 година и уште бројни години по неа.