за

Hayabusa: Сивиот сокол на Suzuki се врати со 190 КС и 299 km/h

Suzuki го претстави новиот GSX 1300 RR Hayabusa со норма Euro 5, со 190 КС и со крајни 299 km/h.

suzuki gsx 1300 rr hayabusa

Suzuki ја започна годината во голем стил, со обнова на една од своите моделски легенди, GSX 1300 RR Hayabusa. Премиерата не беше посебно изненадување, затоа што Suzuki во претходните неколку недели се погрижи буквално целата планета да стане свесна за големата новина.

Suzuki Hayabusa донесе и неколку изненадувања, иако критичарите коментираат дека третата генерација на супермотоциклот во основа е потемелно моделско освежување на претходникот, со преправки извршени со цел да се постигне почист издув. Секако дека кога е во прашање Suzuki, во реалноста е направено многу повеќе од „фејслифт“.

Јапонците сменија 550 од вкупно 1.000 делови. Коленастото вратило е сменето, клиповите и клипниците се олеснети за 26, односно 3 грами, нови се и цилиндрите, брегастите вратила работат со помало преклопување, пружините на вентилите се зајакнати, издувните вентили имаат подолг óд и соодветно е сменет дизајнот на комората за согорување, вшмукувачкиот тракт е зголемен (за 1,2 литар). За крај, во впрскувањето на горивото сега се користи придушница со пречник од 44 милиметри по цилиндар (за еден mm повеќе).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основните податоци не се сменија: 4 цилиндри, 180 степени офсет на ракавците, 1.340 ccm, пречник 81 mm, óд 65 mm, компресија 12,5:1. По преоѓањето на Euro 5, моќноста изнесува 190 КС, што е 7 КС помалку од претходно. Таа се постигнува при 9.700 вртежи (+ 200/min), максималниот вртежен момент е 150 Nm (-5 Nm) при 7.000 вртежи (200/min).

Спринтот до 200 метри трае 6,8 секунди (-0,1 s), забрзувањето 0-100 за време од 3,2 секунди не е сменето, исто како и крајната брзина од 299 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кога ќе се погледне дијаграмот на вртежен момент, станува јасно каде работеле инженерите на Suzuki. Во претходните две генерации слабееше забрзувањето при преоѓање во средното подрачје на вртежи. Новата Hayabusa меѓу 3.000 и 6.000 вртежи испорачува толку многу моќност кон задното тркало, што мотоциклистите буквално ќе проплачат од среќа.

Посебно внимание заслужува податокот за намалувањето на потрошувачката на гориво за еден литар, на 5,7 литри на 100 километри. Со резервоарот од 20 литри ќе се минуваат и над 300 километри. Почит и за ова: Иако максималната моќност се смали за 7 КС, крајната брзина и натаму е 299 километри на час.

Опашот е малку повисок, издувниот систем е полесен. Новата распределба на тежината е во сооднос 50:50

Suzuki посвети многу внимание на звукот на новата Hayabusa. Комплетно новиот и за 2 килограми полесен издув сега располага со две интерференциски цевки во издувната гранка. Трите катализатори повеќе ги придушуваат високите тонови, а ги истакнуваат длабоките звуци.

Suzuki Hayabusa добива нов пакет електроника што се базира врз Bosch MSC. Системот што се води под S.I.R.S (Suzuki Intelligent Ride System) нуди три претходно конфигурирани модуси за возење, 10-степена контрола на тракција, три мапирања, двостепен Quickshifter + Blipper, десетстепена контрола на Wheelie и тристепено моторно сопирање. Секако дека сите овие помошни системи може комплетно да се исклучат. На тоа следи уште тристепен лансирен старт, кој го качува бројот на вртежи на 4.000, 6.000 или 8.000/min и го задржува.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со трите модуси за возење A,B и C може да се избира реакцијата на моторот, со тоа што во C-модусот се намалува максималната моќност. Во техничкиот арсенал и натаму спаѓаат: Брзинско ограничување, темпомат, приспособливо стоп-светло, познатите Easy-Start и Low RPM-System на Suzuki, полуинтегрален ABS за свијоци, како и помош при поаѓање на нагорнина и спуштање по надолнина. Новиот TFT-дисплеј го прикажува и налегнувањето на мотоциклот.

Промените на рамката и подвозјето на новата Hayabusa се извршени со цел да се постигне уште поголема стабилност, а полесна управливост, подобра аеродинамика и заштита од ветер, плус подобро пренесување на силата на сопирање. Алу-рамката во најголемиот дел не е сменета, единствено со новата задна рамка е малку подигнат опашот, кој воедно е за 700 грами полесен. Со тоа се постигна и новата тежинска распределба 50:50.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Целосно припособливата амортизација од Kayaba е докажана кај Hayabusa, промени има само во дотерувањето. Нов е системот за сопирање со две сопирачки клешти Brembo Stylema на предните дискови што сега имаат пречник од 320 mm (+ 10 mm). Сериските гуми на новите лиени тркала се хиперспортски Bridgestone S22. Тежината од 264 килограми остана непроменета.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Инструментите останаа аналогни, со голем тркалезен брзиномер и вртежомер, како и полукружни инструменти за резервоар и за температура на вода. Во средишниот дисплеј се прикажуваат патниот компјуер, менито, степените и наведнувањето. Новите рачки на воланот се приближени до возачот за 12 милиметри.

Основната форма e непроменета, но секој агол е преработен, дотеран и убаво обработен. Носот има нов изглед, со ново LED-светло, а покрај него се позициските светла со интегрирани трепкачи. Назад исто така има впечатливо LED комбинирано светло.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Suzuki ја испорачува новата Hayabusa во три варијанти на лакирање. Прва елегантната верзија од црна и златна боја Glass Sparkel Black/Candy Burnt Gold, агресивен впечаток остава сребрено-златната Metallic Matte Sword SIlver/Candy Daring Red, додека класичната варијанта е Pearl Brilliant White/Metallic Matte Stellar Blue. Испораките ќе стартуваат во април.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Славеничкиот GSX-R1000R за стогодишнината на Suzuki во салонот во Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака изгледа електричниот Volkswagen ID.6

Како студот му влијае на приклучниот хибриден погон

Како студот му влијае на приклучниот хибриден погон