Suzuki во периодот од април до јуни постигнал 7,82 милијарди евра промет, што е за 25,8% подобро од истиот период лани и претставува историски рекорд. Домашниот пазар е во мал пад, но извозот надоместува со раст од 39,2% и удел од 5,86 милијарди евра во вкупниот промет.
Воведувањето нови и поскапи модели во понудата на Suzuki и нивната одлична прифатеност на пазарот, му донесоа на Suzuki рекорден промет во второто тромесечје. Добрата продажба помогна да се покријат трошоците што се зголемија поради поскапите суровини и компоненти. Индија и натаму му носи голема заработка на јапонскиот производител што има долга трациција и силно присуство на пазарот, што останатите производители допрво го откриваат. Тоа беше воедно и една од причините за Toyota да стапи во партнерство со Suzuki, коешто веќе добива залет.
Оперативната добивка е зголемена за 36,8 проценти и изнесува околу 550 милиони евра. Чистата добивка сепак бележи пад од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани, со околу 430 милиони евра.
Оперативните резултати на Suzuki по сегменти
Автомобили
Вкупен промет зголемен на 6,92 милијарди евра (+23,9%), оперативна добивка зголемена на 414,8 милиони евра (+34,2%).
Мотоцикли
Вкупен промет зголемен за 50,1% на 634,6 милиони евра, оперативна добивка зголемена за 87,3 проценти, на 61 милион евра. Голем удел има растот во продажбата во Северна Америка.
Вонбродски мотори
Вкупен промет зголемен за 31,9 проценти, на 252,2 милиони евра, пораст на оперативната добивка за 36,6%, на 67,6 милиони евра. Тука исто така има влијание задржувањето на одличната продажба во Северна Америка. Постигнати се рекорден промет и рекордна добивка.
Продажба на возила во првото полугодие од 2022
Во првото полугодие, Suzuki продаде на светскиот пазар 1.468.474 патнички автомобили, за 2% повеќе од лани. На пазарите надвор од Јапонија се продадени вкупно 1.178.282 патнички автомобили или за 7,8 проценти повеќе отколку во првото полугодие лани. Само на Индија отпаѓаат 787.697 возила (+6,9%), додека останатите пазари учествуваат со 390.585 возила, што е за близу 10 проценти подобро од лани.