за

Тие се СУВ-купе ексклузивците: DFSK Glory F5 & Renault Megane Conquest

Толку брзо се менуваат времињата. Кој можеше да претпостави дека кинескиот гигант DFSK ќе биде зачетник на еден нов тренд? Во моментов постојат само два СУВ-модели стилизирани како купе, во компакт класата, едниот e Glory, другиот е варијанта на Megane.

DFSK одамна е одомаќен на македонскиот пазар, главно со седумседот Glory 580. Во гамата на заедничката компанија на моќниот Dongfeng и на Sokon, увозникот ABC Brother нуди уште еден модел што има забележлива појава, но и забележлива цена. Дали се сведува сé само на изгледот? Едно брзо споредбено разгледување на единствените два модели со купе-СУВ каросерија од волуменскиот сегмент, што се нудат на македонскиот пазар. DFSK Glory F5 и Renault Megane Conquest.

Возачите во Кина бараат автомобилите да бидат многу просторни. Се бара и многу опрема што вистински е корисна, а посебно се ценат напредни можности за поврзување со телефон. Мобилните телефони таму им се манија, исто како што на јапонските туристи своевремено камерите им беа сраснати со рацете. Но, тоа што на купувачите на најголемиот пазар за автомобили во светот им е најважно, тоа секако е автомобилот да изгледа претставително, отмено, стилски. Овој опис некако се совпаѓа и со главните критериуми на возачките и возачите на бројни други пазари. DFSK, кратенка што ја означува заедничката компанија на Dongfeng и на Sokon, два моќни производители на автомобили во Кина, во меѓувреме продава и на престижните пазари во Германија, Италија, Франција. Нивните Glory се возат и во северна Африка, па и во Јужна Америка.

Со должина од близу 4,7 метри, значи колку Skoda Kodiaq, кинеското СУВ-купе со ознака Glory F5 балансира меѓу просторна комоција и функционалност на модел од средна класа, и приземни цени на модел од компакт класата. Неколку „детали“ сепак изненадуваат пријатно. Тоа што македонскиот увозник ABC Brother го нуди кај Glory F5, меѓу другото вклучува вистинска напа кожа на седиштата, средишен дисплеј од 10,25 инчи, па дури и радарски темпомат, односно систем што самостојно подзабавува кога напред има возило што вози побавно од наместената брзина, и што исто така забрзува самостојно кога ќе се појде во престигнување.

Солидна количина во првиот контингент од Glory F5 што беше испорачан за германскиот пазар; СУВ-купе моделот се нуди подолго на македонскиот пазар

New item by Automedia MK / Google Photos

Glory F5 покажува дека е „комплетен пакет“, далеку е од тоа дека овој СУВ-купе има само големи тркала и голем дисплеј во кокпитот. Во поглед на погонската техника, моторот од 1,5-литар со турбонатполнење и моќност од 140 КС е познат од Glory 580. Турбото помага да се постигне солиден вртежен момент од 220 Nm и го надоместува тоа што порано се постигнуваше со голема работна зафатнина. Целта е да се намали потрошувачката на гориво, како и емисијата на штетни материи. Просекот според производителот изнесува 7,3 литри бензин на сто километри.

Внатрешноста на DFSK Glory F5

New item by Automedia MK / Google Photos

Мултилинк задна оска, растојание од подлогата од 200 сантиметри, багажник со зафатнина од близу 400 литри – тоа се податоците што ја комплетираат добрата слика за овој модел. Цената во Македонија изнесува 24.990 евра, при што треба да се има предвид дека станува збор за модел со автоматски, односно безстепен менувач, како и за изведба со мошне високо ниво на опременост. Тоа е изборот што увозникот за македонскиот пазар проценил дека ќе одговара за барањата и можностите на купувачите. Во Кина се нуди и верзија на DFSK Glory F5 со мануелен менувач, како и со пониско ниво на опременост.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моделот имаше премиера уште пред крајот на 2018 година, на салонот во Пекинг. Тоа се две и пол години предност во споредба со Renault Megane Conquest. Француското СУВ-купе се продава на поширокиот европски пазар од март лани, под моделската ознака Arkana, којашто е сменета за регионов. Во основата, тоа е верзија на корејскиот Renault Samsung XM3, изработен врз плаформа од актуелниот Captur.

При споредливи перформанси, просторност и опрема, DFSK го нуди својот Glory F5 со цена за близу 10.000 евра подостапна од Renault

Основната изведба на Megane Conquest го користи познатиот 1,33-литарски турбобензинец со 140 КС. Во споредба со Glory, вртежниот момент тука досега 260 њутнметри. Менувачот е 7-степен со двојна спојка. На моторот му асистира стартер-генератор, односно станува збор за благ хибрид. Каросеријата е покуса од F5 (4.568 mm), а исто и пониска (1.571 mm). Покрај тоа, меѓуоскиното растојание е предност на кинескиот СУВ, што ветува повеќе комоција во кабината. Цената за моделската изведба Renault Megane Conquest Intens TCe 140 EDC во Македонија изнесува 34.500 евра. Разликата во споредба со DFSK е близу 10.000 евра.

Renault Megane Conquest

renault arkana

Опременоста на француско-корејскиот модел е на ниво со Glory F5. Кинескиот СУВ-купе пак е во предност, меѓу другото со кожените седишта или со поголемиот средишен дисплеј (9,3 инчи кај Renault). Панорамскиот стаклен покрив, што е стандардна опрема кај Glory, кај Французите бара доплата од 1.250 евра, со тоа што мора да се посегне и по повисокото ниво на опрема RS Line. Втора погонска опција во Conquest е мотор TCe со 160 КС, а исто е достапен и модел со хибриден погон, што чини 43.500 евра.

Renault Arkana најава Европа

DFSK Glory F5 и Renault Megane Conquest моментно се единствените СУВ-купе модели во компакт класата, во волуменскиот сегмент. Кажано кусо, тоа се единствените не-премиум модели од овој посебен вид. Кај премиум марките, сликата е сосем поинаква. Но, затоа и цените се соодветно „поинакви“. Mercedes-Benz GLA, Audi Q3 Sportback, BMW X2, Lexus UX, Cupra Formentor, Jaguar E-Pace, Volvo C40 Recharge (исклучиво во електрична изведба) и секако неизоставниот и пионерски Range Rover Evoque, очигледно дека премиум марките не го пропуштаат овој исплатлив потсегмент, на СУВ-купе модели од компакт класа.

Освежување следи наскоро, со кросовер-купето врз основа на новиот Peugeot 308, коешто веројатно ќе ја носи ознаката 4008, а се најавува и слична изведба под знакот на Opel.

Линкови до двата модели:

ABC Brother · http://abcbrother.mk/Glory-f5

Renault · https://www.renault.mk/cars/noviot-megane-conquest/pocetna.html

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Abarth 695 Tributo по 40 години од последната трка на Abarth 131 Rally

Audi ги снабди фудбалерките на Баерн Минхен со автомобили