за

Владата ќе субвенционира вградување автогас во 600 автомобили

Од Владата јавуваат дека ќе го потпомогнат вградувањето уред за автогас или метан со субвенција во висина до 18.000 денари, акцијата ќе се врши според принципот прв дојден – прв услужен.

Тоа што треба да биде голема вест од Министерството за економија е дека државата ќе учествува со 18.000 денари во трошоците за вградување автогас или метан во возилата.

Субвенција во висина до најмногу 18.000 денари или неполни 300 евра од државата следи за возачите кои ќе ги префрлат своите возила на погон со автогас или метан. Како што известуваат од „Економија“, државата вторпат ќе ја реализира оваа мерка, по 2019 година. Средствата што лани биле наменети за таа цел, поради пандемијата биле пренаменети за најпогодените сектори.

Според властите, мерката предвидува надомест на 50% од трошоците за вградување уред за погон на автогас, метан или друг вид алтернативно гориво. Износот што ќе го покрива државата сепак не смее да биде повисок од 18.000 денари по возило.

За мерката се предвидени 11.000.000 денари, што кога ќе се сведе на 18.000 денари по возило, значи дека со истата ќе бидат опфатени околу 600 возила. Субвенцијата би изнесувала помалку од 18.000 денари единствено во случај кога и уредот за автогас би чинел помалку од околу шестотини евра. Во случај возачите да вградат уред за автогас што чини 1.500 евра, државата пак ќе им надомести најмногу 18.000 денари, односно околу 300 евра.

Јавниот повик ќе биде објавен во третото тромесечје од 2021 година и ќе се реализира според принципот прв дојден – прв услужен.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија во 2019 година биле регистрирани 11.470 автомобили што користат автогас како погонско гориво. Во 2012 година, нивниот број изнесувал 9.501 возило. Тоа значи дека за седум години, возниот парк на автогас се зголемил за 20 проценти. За споредба, во Македонија лани биле регистрирани 225.474 автомобили со дизел мотор, наспроти 92.700 автомобили во 2012 година. Растот во овој случај изнесува близу 250 проценти. За патничките возила со бензински мотор, статистиката покажува 188.778 возила во 2019 година и 199.329 возила во 2012 година. Тука постои негативен тренд, бројот на овие возила се намалил за околу пет проценти.

Вкупниот возен парк во Македонија преклани броел 425.891 патнички автомобили, наспроти 301.761 во 2012 година. Тоа се за 41% повеќе возила по македонските улици и патишта. Шестотините возила што државата ќе ги субвенционира да се префрлат на автогас, претставуваат 0,14% од вкупниот возен парк.

За пример, акцизата што ја плаќаат возачите на автомобил со дизел мотор, изнесува 17,121 денари по литар гориво (18-ти јануари 2021). За државната каса да се наполни со 11-те милиони денари, колку што изнесува субвенцијата, потребно е македонските возачи, конкретно за примерот, со автомобил со дизел мотор, сите заедно да потрошат вкупно 642.486 литри дизел. Сведено на 225.474 автомобили со дизел мотор, тоа е акцизата што државата ја наплаќа за секои 2,85 литри наполнето дизел гориво по патнички автомобил со дизел мотор во Македонија. Или најконкретно, тоа е помалку од 50 километри по автомобил. Значи, 11.000.000 денари субвенција, сепак не се толкава сензација. Акцизата за бензинот, патем, изнесува над 23 денари. Бензинците трошат повеќе гориво. Дополнително има незнаен број возила што се возат со странски регистерски таблици. Акцизата, патем, не е единственото што ѝ носи пари на државата.

>>> Shell го укинува автогасот во Британија, нема побарувачка

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

One Comment

Одговори
  1. БРАВО за Аутомедиа! – Единствен медиум во Македонија којшто наместо „плин“ (на хрватски) напиша гас / автогас на македонски.
    Реткост во ова време кога се` повеќе има такви коишто тврдат дека јазикот ни е измислен од некого па уште и „на сила“.
    Поздрав и честитки!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes s-class w 223 салон мак аутостар

Еден Mercedes S-Class колку 13 „дачии“

Volkswagen почнува со продажба на полначи за електромобили

Volkswagen доби нов шеф за технички развој