За новата генерација на Mercedes S-Class, многумина имаа резервирани очекувања. Прашањето беше, може ли S-Class да се направи подобра од тоа што веќе беше претходно. Тоа што Штутгарт буквално му го подари на автомобилскиот свет, не е друго освен повторно пронаоѓање, „измислување“ на автомобилот.
Кога деновиве ќе се погледнат трите S-Class во почесната ротонда во салонот на Мак Аутостар, сцената личи како кадар од научна фантастика. Овие автомобили изгледаат безмалку нереално, тоа повеќе не се автомобили што се мерат во коњски сили, километри на час, килограми и секунди. „Најдобриот автомобил во светот“, повеќе личи како технологија што добила душа. Тоа впрочем ќе биде и следниот чекор на Mercedes, кога во текот на годинава ќе ја претстави електричната верзија на S-Class во форма на EQS, со кокпит што изумителите во Унтертиркхајм го нарекуваат „хајперскрин“.
Суперлативите и епитети повеќе немаат смисла кај S-Class. Затоа, потрезвено. Увозникот на Mercedes го објави официјалниот ценовник за својот „најмодел“. Тој вели дека ценовната понуда почнува од 124.990 евра за изведбата S 350 d со трилитарски дизел R6 со 286 КС. За изведба на овој модел со погон на сите тркала се доплаќа 5.000 евра. Третата моделска изведба на тема S 350 d е изведбата со продолжена каросерија и цена од 128.990 евра.
Гамата продолжува со S 400 d, исто така со трилитарски дизел, но со 330 КС и цена од 139.990 евра. Погонот на сите тркала тука е стандард, единствено може да се избере изведба со продолжено меѓуоскино растојание. Засега нема најави дека во понудата ќе се појави четирицилиндарски дизел, како во претходната генерација.
Бензинците почнуваат од S 450, со трилитарски турбо-бензинец R6 со 367 КС и цена од 133.990 евра. Погон на сите тркала тука е опција, но е стандард во S 500, чијшто мотор 3.0 R6 располага со 435 КС. За петстотката се потребни најмалку 154.990 евра во Македонија. Увозникот веќе ја има и цената за S 580. Единствениот осумцилиндарец во новата S-Class го користи битурбо-четирилитарецот, конструиран од Mercedes-AMG, со моќност од 469 КС. Цената е 163.990 евра. Сите моделски изведби без исклучок се испорачуваат и во изведба со продолжена каросерија. Бензинците користат благ хибриден погон, со стартер-генератор и 48-волтна мрежа.
Веднаш под S-Class во ценовникот следи и Maybach. Тој вози со 4,0 V8 со 469 КС или со 6,0-литарски V12 со 630 КС, и чини соодветно 211.990 евра, односно 275.000 евра. Годинава во гамата на S-Class ќе се придружи и изведбата S 580 e со приклучен хибриден погон и 367 „бензински“ и 150 „електрични“ КС. Цената за тој модел уште не се комуницира во ценовникот на Мак Аутостар.
Соодносот од насловот е точен, уште попрецизно 13,4 примероци од Dacia Sandero со цена од 9.350 евра, колку Mercedes S 350 d. Секоја почит кон Dacia.mercedes
Во продолжение неколку ставки од дополнителната опрема, со цените од германскиот пазар
(цени во евра)
Металик лак |
1178 |
Designo лак |
2058 |
Digital Light (осветлување со резолуција од 1 милион пиксели и проектирање знаци врз патот) |
2249 |
Пристап без клуч со вовлечени рачки |
1428 |
Сите стакла со топлинска, звучна и IR-заштита |
1368 |
Греење на ветробран |
690 |
Сончев покрив |
1892 |
Активно амбиентално осветлување |
940 |
Пакет Energizing напред (масажа, светлосни и климатски третмани) |
4825 |
Пакет Energizing назад |
3528 |
Активни мултиконтурни седишта |
2380 |
First class назад |
3332 |
Масички назад |
2142 |
Климатизација Thermotronic назад |
1356 |
Ладилник |
1368 |
Воздушни перници во безбедносни ремени назад |
702 |
MBUX асистент за ентериер |
642 |
Далечинско паркирање |
1844 |
Проекциски дисплеј MBUX со унапредена реалност |
3558 |
Аудиофилско озвучување Burmester 4D |
8008 |
MBUX назад |
3558 |
Таблет назад |
595 |
Управувана задна оска |
1547 |