за

Холандија: Нов стартап нуди месечна претплата за автомобил

Партнерството на Stellantis, концернот на Peugeot и Fiat, со стартап компанијата Casi, ќе им нуди на Холанѓаните можност возилата да ги користат со месечна претплата.

Услугата за автомобил да се користи со плаќање месечна претплата станува сосем вообичаен начин да се обезбеди возило. Концернот Stellantis почнува соработка со стартап проект во Холандија, со којашто претплатата на автомобил прераснува во нов стандард за производителите да ги дистрибуираат своите возила и да се поврзат со корисниците.

Концернот Stellantis со своите 11 автомобилски марки (Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Jeep) започна партнерство со норвешката стартап компанија Casi. Од новата соработка произлегува услуга за користење автомобил со месечна претплата, којашто се води како Drivenjoy, и во почетокот е достапна во Холандија. Со оваа услуга, на корисниците во почетокот ќе им се понудат околу 200 возила.

Drivenjoy не се потпира целосно врз електрични возила, иако во следните месеци се планира возниот парк да се прошири со повеќе хибридни и електрични возила. Stellantis го рекламира новото партнерство како „голем чекор напред“ во начинот на којшто големиот светски производител на автомобили ги дистрибуира своите возила и се поврзува со корисниците.

Drivenjoy нуди возила од три марки: Peugeot, Citroen и DS. Компанијата Casi, претходно под името imove, почнува со работа во јануари. Планот е возила од повеќе марки од концернот Stellantis да им се понудат на корисниците.

Услугата на месечна претплата на автомобил е наједноставно да се разбере: Корисничката или корисникот плаќаат буквално само за гориво, сé останато е вклучено во претплатата, од регистрација и осигурување, до сервисирање, замена на потрошни делови и гуми. Не се потпишуваат договори, по неколку месеци може наједноставно да се откаже претплатата, буквално е како пакет за кабелска телевизија

„Ние цениме дека претплатата на автомобил ќе биде голем дел од автомобилската индустрија во иднина и решивме дека сега е вистинското време да се вклучиме и да ја одиргаме нашата улога, во начинот на којшто ќе се развива овој сегмент“, кажува Софике Верховен, директорка за финансии во PSA, дел од Stellantis.

Верховен открива дека во Stellantis ја гледаат претплатата на автомобил како дополнителна услуга на традиционалниот бизнис.

„За нас тоа е начин да се доспее до нови сегменти на корисници и да се освојат нови корисници, воедно воведувајќи нов извор на приход“, посочува директорката.

Casi има за цел да им помогне на производителите, дилерите, операторите со возни паркови и останатите бизниси да лансираат и да одржуваат услуга за месечна претплата на автомобил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Drivenjoy (@drivenjoynl)

Компаниајта разви платформа за месечна претплата на автомобил, којашто ги вклучува сите давачки и нуди дистрибуција преку повеќе канали, менаџирање со претплатите и избор на услуги и партнери.

Stellantis постојано го шири својот бизнис со претплата на автомобили во САД, преку својата марка Free2move, којашто стартуваше во Европа во 2016 година, а две години подоцна дебитираше во Вашинтон. Оттогаш, услугата стана достапна во Остин, Коламбус, Портланд и Денвер.

Концернот во мај го откупи бизнисот со кар-шеринг Share Now од BMW и Mercedes-Benz, за двете марки да можат да се посветат повеќе на софтверот во својата алијанса за мобилност.

Електричен Mercedes EQE со претплата се вози за 1.600 евра месечно

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes потпиша договор за литиум вреден 1.5 милијарда евра

Мобилна апликација на Suzuki дава корисни информации за возилото