Стелантис преговара со италијанската влада за повеќе автомобили да се произведуваат во земјата

Стелантис во декември ќе отпочне разговори на највисоко рамниште со италијанската влада, со цел да се финализира пошироката спогодба за автомобилската индустрија во Италија. Тоа меѓу другото предвидува и зголемување на продукцијата во земјата.

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш и министерот за индустрија на Италија, Адолфо Урсо, во претходна пригода објавија дека работат на договор, за годишната продукција на автомобилскиот концерн, каде што спаѓаат Фиат, Алфа Ромео, Ланча и Масерати, во земјата да се зголеми на еден милион. Притоа не се посочува временска рамка во којашто треба да се достигне милионската цел.

По успешните почетни преговори со Стелантис, официјалните разговори ќе започнат на 6-ти декември. Во нив ќе бидат вклучени и работничките синдикати, локалните власти и автомобилската лоби група Анфиа. Тоа во понеделникот го најави канцеларијата на Урсо.

Стелантис, автомобилски концерн со 14 марки, во 2021 година и во 2022 година во Италија произведе помалку од 700.000 патнички автомобили и доставни возила. Според предвидувањата, продукцијата годинава ќе се зголеми незначително.

Стелантис има намера продукцијата во Италија да ја доведе до 1 милион возила

Фиат Крајслер, којшто во почетокот на 2021 година се спои со француската ПСА Групација, за да го создадат Стелантис, последен пат произведуваше во Италија повеќе од еден милион автомобили во 2017 година.

Разговорите ќе бидат насочени кон зајакнување на истражувањето и развојот, вложувањето во иновативни модели, обука на работниците и помош за добавувачите на делови за фабриките за автомобили да го пренасочат своето производство кон новите возила, кажуваат од Министерството.

Од канцеларијата на Стелантис, единствениот поголем производител на автомобили во Италија, во понеделникот објавија дека групацијата останува посветена на своите активности во земјата и ќе се заложи да се создадат услови, за Италија да има централно место во стратегијата на концернот.

Стелантис нагласи дека постигнувањето широка спогодба зависи од низа мерки што треба да ги преземе италијанската влада, вклучувајќи и одложување или откажување на предложената норма за издувни гасови Еуро 7, како и субвенции за купување електрични автомобили, проширување на мрежата од полначи и пониски цени на енергијата.

Претходна објаваМерцедес стандардно е највредна премиум автомобилска марка, седма во општа конкуренција
Следна објаваВинфаст ќе им плаќа на сопствениците ако автомобилот им се расипе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here