По неколку пробиени рокови и бројни одложувања, концернот Stellantis и неговите европски дилери конечно ги потпишаа новите договори за дистрибутерство и застапништво.
Вкупно се потпишани повеќе од 8.000 договори за дистрибуција и повеќе од 25.000 договори за овластено сервисирање. „Тоа е историска пресвртница, не само за Stellantis, туку и за целата бранша“, порача Уве Хохгешурц, претходно прв човек на Opel, а сега оперативен директор во Stellantis за Европа и блиските региони.
Додека дилерите во повеќето европски држави потпишаа стандардни договори за дистрибутерство, важни промени има на избраните пилот-пазари. Австрија, Белгија, Холандија и Луксембург, од 4-ти септември ќе работат според таканаречениот агенциски модел.
Овој начин на продажба во текот на 2024 година ќе почне да се применува и на останатите пазари ширум Европа, меѓутоа во почетокот тој ќе се применува само за премиум марките Alfa Romeo, Lancia и DS. Понатаму, волуменските марки исто така ќе преминат на агенциски модел до 2027 година.
Преоѓањето на агенциски начин на дистрибуција е дел од стратешкиот план на Stellantis што се води како „Dare Forward 2030“. Целта е клиентите да добијат поквалитетно искуство и да се поедностави т.н. Customer Journey, односно постапката што клиентите треба да ја минат при купувањето возило.
Преку стратегијата Dare Forward 2030, шефот на концернот Stellantis, Португалецот Карлос Тавареш, цели трошоците за дистрибуција да ги смали за 40 проценти. Затоа е мошне важно престојното и идно преоѓање на агенциски модел.
Договорите првично требаше да бидат потпишани уште во почетокот на јуни
Новите договори за дистрибуција и за агенциско застапување, на пилот-пазарите требаше да станат правосилни уште во почетокот на јуни. Stellantis ги раскина старите договори на 31-ви мај. Поради тоа што премногу се одолжија преговорите со разни европски дистрибутери, Stellantis прво постави термин за договорите да се потпишат кон завршетокот на јули, за потоа и тој рок да се одложи за септември.
The claws are out on the #AllElectric #PeugeotE208 pic.twitter.com/Ul94QvrMX8
— Peugeot (@Peugeot) September 1, 2023
„Дијалогот меѓу Stellantis, европските дистрибутерски здруженија и целата дилерска мрежа беше прагматичен, деловно ориентиран и неограничено транспарентен. Двете страни водеа конструктивни преговори“, кажува оперативниот директор Хохгешурц.
Некои дилери беа мошне незадоволни од текот на преговорите, затоа што исто како и нивните застапници во дистрибутерските здруженија, тие дури кон средината на јуни дознаа како ќе биде поставена нивната работа во иднина.
Агенциската провизија на голем број дилери ќе им претставува тешкотија за да работат профитабилно. Како што кажуваат дилерите, производителите во иднина ќе им исплаќаат фиксна маржа во висина од 4 проценти. На тоа следи флексибилна провизија во висина од 1 процент. Во споредба со останатите производители, тоа е најниска маржа во браншата.
За споредба, Volkswagen преку својот агенциски модел, за секое продадено електрично возило исплаќа фиксна провизија во висина од четири проценти, плус два проценти флексибилна маржа. Горната рамка ја поставува BMW со 5,5 проценти фиксна маржа и 1,9 процент варијабилна провизија.
















