При основањето на концернот Стелантис во 2021 година, со здружување на двете моќни групации ПСА Пежо Ситроен и Фиат Крајслер, тогашниот шеф Карлос Тавареш вети дека ќе ги задржи сите 14 марки и ќе им ја обезбеди иднината преку вложување во нив.
Португалецот во меѓувреме го напушти автомобилскиот концерн, пред истекот на петгодишниот работен договор. Неговиот наследник сака работите да ги постави од ново.
Антонио Филоса нема да гасне марки, меѓутоа вниманието ќе му биде насочено кон тие марки што „навистина се исплатуваат.“ Според последните објави на Ројтерс, производителот на автомобили во иднина ќе им се посвети на четири марки: Џип, Рам, Пежо и Фиат.
Новинската агенција се повикува на познавачи што се упатени во плановите на компанијата и објави, дека овие марки со силна продажба, во иднина ќе добиваат повеќе средства. Тоа е сосем различен пристап од Тавареш, чијашто стратегија беше крајно контроверзна, и во којашто сите марки добиваа исто.
Фиат, Џип, РАМ и Пежо добиваат предимство
Од тоа може да се стекне првичен впечаток, дека останатите десет марки во иднина ќе го извлечат покусиот крај. Но, не е така. Алфа Ромео, Опел и Ситроен ќе се посветат повеќе кон одредени сегменти на возила и региони во светот.
Опел, на пример, нема да се продава во Кина или во САД, а уште помалку во Бразил. Идните модели ќе користат платформи што ќе бидат развиени за четирите носечки марки, но со изгледот ќе двојат јасно едни од други. Секоја марка ќе има посебен дизајн, како надвор, така и внатре.
Се размислува за беџ-инженеринг
Во некои случаи, пренесува Ројтерс, Стелантис би можел да оди чекор подалеку и некои модели да ги продава под друга марка на одредени пазари или региони.
Тоа што е сигурно: Ниту една од 14-те марки, барем засега, не е загрозена. Тоа ќе успокои многумина, откако во претходните објави се тврдеше дека некои марки се пред гаснење.
Со новата стратегија, помалите марки ќе бидат ограничени на одредени региони, па дури и ќе се претворат во национални марки. Таков случај беше Ланчиа, којашто со години продаваше само на домашниот италијански пазар, и само еден модел – претходната генерација на Ипсилон.
Дали Стелантис го планира тоа во иднина, уште е неизвесно, иако во објавата се наведува дека нема да биде изненадување, ако присуството на некои марки, како Абарт или ДС Аутомобилс, се сведе на помалку пазари.
View this post on Instagram
Масерати не е на продажба
Масерати не се спомнува во објавата, но претставници на Стелантис повеќепати демантираа дека италијанската луксузна марка се продава. Место тоа, Масерати и Алфа Ромео најавија дека ќе ја продлабочат својата соработка. Тоа значи споделување на трошоците за развој и побрзо пуштање во продажба на новите модели.
Од северноамериканската страна на концернот Стелантис, во извештајот недостига Крајслер. Новиот центар за дизајн и назначувањето нов извршен директор, сепак влеваат надежи дека марката од САД со долга традиција конечно ќе пушти нови модели, место да се ограничува на ванови.
Главниот дизајнер на Стелантис, Ралф Жил, во минатата година настапи јавно и кажа дека марката е „зрела за ново поглавје“ и се посветува на „освојување сосем нов круг купувачи.“
Тој кажа: „Верувам дека е време да поставиме нов курс. Ќе се обидеме. Ќе експериментираме со марката. Постои дел во нашиот салон, што досега не беше опфатен и нашите дилери утврдија дека тоа е непополнет дел од пазарот – можно е таа празнина да ја пополниме со Крајслер. Затоа испробуваме различни можности.“
Најпродавани автомобили во ЕУ во март: Тесла прва, по неа цела групација Рено
Стелантис вложува во Доџ
Иако Доџ не се појавува во објавата на Ројтерс, Стелантис потврди дека ќе инвестира 130 милиони долари во фабриката Џеферсон во Детроит. Во 2029 година, таму ќе почне да се произведува новиот Дуранго.
Филоса во мај ќе го објави новиот стратешки план на Стелантис. Се очекува дека шефот ќе најави „осетно“ односно „значително“ зголемување на инвестициите во Џип, Рам, Пежо и Фиат.
Постојат различни предвидувања, како Филоса ќе го управува бродот со 14-те марки на Стелантис. Некои оценуваат дека Рам и Доџ треба да се соединат. Други ценат дека ДС Аутомобилс треба да прерасне во луксузно ниво на опременост на моделите на Ситроен. Трети пак, велат дека Абарт треба да стане семејство спортски изведби на моделите на Фиат. Прашање е дали и Ланчиа ќе почне да се продава на повеќе пазари.
Сé додека Стелантис јавно не го претстави планот, остануваат шпекулации. Во објавата на Ројтерс сепак се напоменува дека сите 14 марки ќе останат. Но, нивните улоги се менуваат. За натамошно скусување на трошоците, повеќе модели ќе користат иста платформа, исто како што тоа е правило во концернот Фолксваген.
Регионалната концентрација на одделни марки исто така може да помогне за поефикасно искористување на средствата, место секој модел да се нуди насекаде. Филоса во секој случај е пред голем предизвик. Водењето империја со 14 марки бара силни нерви, мудри одлуки и подготвеност да се влегува во ризик.
















