Чистиот промет порасна за 13 проценти и достигна 37,2 милијарди евра во изминатото тромесечје, што во најголем дел е резултат од успешниот пазар во Северна Америка и Европа.
Концернот Стелантис првпат објави раст во прометот на ниво на тромесечје, по седум квартали во минус. Тоа е воедно и доказ дека успева стратегијата на новиот извршен директор Антонио Филоса.
„Продолжува комерцијалниот напредок“, наведува компанијата во соопштението, додавајќи дека до завршетокот на третото тромесечје биле воведени во продажба шест нови модели, од вкупно 10 планирани лансирања на нови модели за 2025 година.
Стелантис ги потврди прогнозите дека ќе ги зголеми прометот и приливот на готовина во втората половина, исто како и ниската едноцифрена вредност на оперативната маржа за периотот.
Производителот ги предупреди интеститорите дека очекува еднократен трошок во втората половина, како резултат од промените во стратегијата и во планираните лансирања на нови модели. Откако ќе бидат финализирани еднократните непредвидени трошоци, Стелантис очекува тие „во најголем дел“ да бидат изземени од оперативната добивка.
Во прогнозите за второто полугодие не се земаат предвид прекини или кусоци во тековното снабдување со компоненти, соопшти концернот. Глобалната индустрија се соочува со растечка криза во снабдувањето со чипови, поради трговскиот спор меѓу САД и Кина, во којшто е вовлечен холандскиот производител на чипови Нексперија.
Стелантис очекува дека трошокот од воведените царини за увоз во САД според процената на 30-ти октомври има достигнато околу 1 милијарда евра, наспроти претходните предвидувања дека царините ќе го чинат концернот меѓу 1 и 1,5 милијарда евра.
[the_ad id=”85764″]
Во почетокот на месецов, Стелантис објави раст во испораките на возила во третото тромесечје, што во најголем дел е заслуга на растот од 35 проценти на пазарот во Северна Америка.
Поголема посветеност на САД како клучен пазар
Откако во јуни го презеде кормилото на моќниот концерн, Филоса се посвети да го запре падот во продажбата во САД и да го намали вишокот од возила што стојат на залиха кај дилерите. Тој ги врати во игра моторите Хеми Ве-8 за марката пикапи Рам, ги врати и популарните модели, како Џип Чероки, а го насочи вниманието и кон хибридни и бензински модели, по претходниот план во којшто беа главни електричните модели.
Филоса вети дека во САД во следните четири години ќе вложи 1,3 милијарда долари. Во Европа, компанијата откажа неколку инвестиции и привремено ја запре работата во неколку фабрики, поради забавената побарувачка.
Новиот шеф спроведува темелна ревизија на бизнисот на концернот, на понудата од модели, на списокот од марки и на производствената мрежа. Исто како соперниците, Стелантис се соочува со намалена побарувачка и неискористени капацитети во Европа, каде што кинеските производители, предводени од Би Уај Ди, го зајакнуваат своето присуство, со автомобили со конкурентна цена.
















