за

Рекорден број новоотворени станици за точење водород во Европа

Во 2022 година во светот се пуштени во работа 130 нови станици за точење водород, од кои 73 се во Азија и 11 во Северна Америка. Европа бележи рекорд.

Од вкупно 130 новоотворени станици за точење водород како погонско гориво во светски рамки во минатата година, 45 станици се наоѓаат во Европа. Тоа е рекорд, досега немало толкав број нови станици пуштени во работа во една година.

Најголемиот дел од новите станици и натаму се отвораат во Јужна Кореја. Податоците секоја година ги објавува H2stations.org, вебстраница на Лудвиг Белков, консултантска компанија за сите прашања околу водородот и одржливоста. Денес постои најмалку по една станица за точење водород во 37 држави ширум светот.

На крајот на 2022 година, светот располагал со вкупно 814 станици за точење водород. Се очекува да започне изградбата на уште 315 станици. Нови држави во коишто е достапно „горивото“ за најсовршениот вид на погон во историјата на автомобилизмот, се Колумбија, Кипар и Израел. Во овие три држави има по една станица за водород.

Во Европа на крајот на минатата година имало 254 станици, од кои најголемиот дел се во Германија, вкупно 104 станици за водород. Втора е Франција со 44 станици, трета е Велика Британија, пред Холандија, двете со по 17 станици, а водечката петорка ја заокружува Шведска, со 14 станици.

Во Азија на крајот на 2022 година работеле 455 станици. Јапонија води со 165 станици, втора е Јужна Кореја со 149 „пумпи за водород“. Експертите ценат дека во Кина постојат 138 станици, според неофицијални податоци.

Јужна Кореја повторно е светски шампион според бројот на новоотворени станици, со 45 станици во 2022 година. Земјата стратешки ја гради својата мрежа од станици за водород, за сите видови возила со водороден погон.

Северна Америка отворила 11 нови станици. Од вкупно 89 станици за водород, дури 70 се наоѓаат во сојузната држава Калифорнија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нафтените и гасни концерни бележат рекордни добивки

На овој Citroen различноста му е во стандардната опрема