Една од првите премиери на македонскиот пазар годинава се покажува како голема премиера. Повторно е раздвижено во салонот на Citroen, а причината за тоа е новиот C4 X. Тоа е кросовер изведба од кросоверот, СУВ-лимузина-купе, на којашто марката ѝ дава право да биде различна во позитивна насока.
Французите добро ја градат марката, во време кога пазарот бара автомобили што не се нови само поради светлата и големите дисплеи, туку поради свежата идејата што го водела нивното осмислување. Citroen C3 е бескласен автомобил, добар и во најевтината и во најскапата изведба, C3 Aircross е „пикасо“ на новото време, а на другиот крај, C5 X и C5 Aircross, го враќаат значењето на комфорот во возење и во седење, парирајќи им на скапите модели од премиум марките, што во споредба со Citroen-овите модели, се само скапи.
Сржта на пазарното присуство на големоволуменска марка, просторот меѓу C3 и C5, одлично го пополнува C4, којшто и самиот е кросовер, и дополнително ја има електричната изведба e-C4, да го полира имиџот.
Четворката на Citroen сега го доби својот X, исто како што и гамата на C5 има свој X. Французите умеат да кажат „je ne sais pas pourquoi“. Тоа обично се кажува кога по Париз ќе се сретне убава Французинка, по која човек не може да одолее да не се заврти, а не знае што е точно тоа што го привлекува. Исто и C4 X.
Досега имало мал безброј варијанти на C4, од Aircross и Picasso, преку Spacetourer, до Cactus. Новиот X би можело да се гледа како збир од најдобрите својства на сите овие модели, затоа C4 X
Техниката е позната од C4, каросеријата и стилот се тоа што го разликувааат C4 X. Со должина од 4,6 метри, новата варијанта е за 24,5 сантиметри повеќе развлечена, има и околу 3,5 сантиметри повеќе во ширина, додека разликата во висина е само половина сантиметар. Причината за таа незначителна разлиак е во тоа што и самиот C4 е веќе кросовер, со дваесетина сантиметри растојание од подлогата.
Багажникот е друг свет, со 510 литри, односно 1.360 литри со соборена клупа. Мошне храбар детал е тоа што багажникот не се отвора како кај класичен „ајон“, туку се отвора лимузински. Патниците на задната клупа нема да се вознемируваат при секое отворање на багажникот.
Гамата почнува со изведбата со 1,2-литарски бензинец со 100 КС и 6-степен мануелен менувач, со ниво на опрема Feel и цена од 22.390 евра, вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра. Сите останати изведби располагаат со бензински или дизел мотор со 130 КС, задолжително со 8-степен автоматски менувач. Токму поради менувачот е голем и скокот до втората моделска изведба во ценовникот, па освен за нивото Feel Pack и за екстра 30 КС, се плаќа и за автоматски менувач – што од досегашните искуства со бројни модели и во бројни марки на Stellantis, му додава цела „класа“ на автомобилот. Citroen C4 X со бензинец со 130 КС, автоматик и ниво Feel Pack, чини 27.690 евра. Разликата со дизелот е 1.800 евра во второто ниво.
Во текот на летото се очекува да присгигне и изведбата со чисто електричен погон, со 100 kW, односно 136 КС, со 360 километри досег и со цена од 43.490 евра.
Повеќе детали за гамата на Citroen C4 X може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог Avtosalon.mk















