за

Еден од секои два нови автомобили во Европа има електромотор во погонот

Некогаш алтернативниот погон стана доминантен на европскиот пазар. Чистите хибриди и натаму се пред приклучните хибриди и електричните автомобили, заедно.

Лани продолжи да се зголемува бројот на продадени батериски електрични автомобили во ЕУ, иако вкупната продажба на автомобили беше во пад. Тоа доведе батериските електрични автомобили да го зголемат својот удел на 12,1 проценти, што е за 3,0 процентни бодови подобро во споредба со делот од пазарот што тие го држеле во 2021 година.

Најдобро поминаа самополнечките хибриди „а ла тојота“, коишто го зголемија својот дел од пазарот на 22,6 проценти. Наспроти тоа, продажбата на автомобили со обичен бензински или дизел погон продолжува да го губи пазарниот колач. Со 44,1 проценти удел, хибридните и електричните автомобили веќе се на пат да го делат пазарот по половина со бензинските и дизел автомобилите.

Продажбата на автомобили со бензински мотор се зголеми за 4,1 проценти во последното тромесечје од минатата година. Четирите клучни пазари придонесоа за овој раст, посебно Италија (+17,4%) и Франција (+3.5%). Пазарното учество на бензинците сепак се намали на 32,5 проценти, наспроти 35,5 проценти во последниот квартал лани во 2021 година.

Дизелот не успеа да надомести во последните три месеци од минатата година и беше во мал пад, со -0,4 проценти. Делот што дизелот го држи на вкупниот пазар на автомобили изнесува 14,4 проценти. Во четвртоиот квартал преклани, уделот бил за два процентни бодови повисок, со 16,4 проценти. Како резултат од тоа, вкупната продажба на дизели во текот на целата година се намали за 19,7 проценти, на вкупно 1,5 милион возила, а пазарниот удел спадна на 16,4 проценти. Тоа се 3,1 процентни бодови помалку во споредба со цела 2021 година.

Од октомври до декември, бројот на новорегистрирани автомобили со батериски електричен погон во ЕУ се зголеми за 31,6%, на 406.890 возила. Повеќето пазари постигнаа раст. Германија го предводеше трендот со 189.293 продадени батериски електрични возила и раст од 66,1 проценти. Потоа следи Франција, којашто имаше раст од 12,6 проценти во продажбата, со 62.155 возила.

По силниот трет квартал, продажбата на автомобили со приклучен хибриден погон во ЕУ постигна силен раст од +29,5% во последниот квартал од 2022 година. Трендот повторно го предводеше Германија, со 73,5 проценти раст, каде што се продадоа повеќе од половината од вкупниот број новорегистрирани возила со приклучен хибриден погон во регионот. Тоа придонесе за продажбата на годишно ниво да забележи плус во споредба со 2021 година, со 1,2% раст.

Самополнечките хибриди во периодот од октомври до декември постигнаа продажба од 545.316 примероци, што одговара на раст од 22,2 проценти во споредба со истиот период преклани. Тоа значи дека класичните хибриди се втор најпродаван вид погон во Европа, по бензинците. На ниво на цела година, продажбата се зголемила за 8,6 проценти, а пазарниот удел се искачи на 22,6 проценти.

Кај возилата со погон на природен гас (метан) има огромен пад во последните три месеци од 2022 година. Намалената продажба за 56,6 проценти главно се должи на големиот пад во продажбата во Италија, којашто е најголем пазар за овој вид погон во Европа. Таму пазарот на возилата на природен гас се намали за 71,3 проценти. Од друга страна, пазарот на возилата со погон на автогас се зголеми за 16,7 проценти, во периодот од октомври до декември лани.

На возилата со алтернативен погон отпаѓа повеќе од половина од вкупниот пазар во ЕУ во последниот квартал, со вкупно 1,3 милион продадени возила. Тоа е првпат во еден квартал да се продадат повеќе возила со алтернативен погон, отколку возила со обичен бензински и дизел мотор заедно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На овој Citroen различноста му е во стандардната опрема

Германски Билд: Хигиеничар украл во BMW толку што куќата ќе му паднела