Литар дизел веќе е поскап од литар сончогледово масло. Некои возачи може да се присетат на експериментите, кога растително масло било користено место дизел. Да нема двоумење: Тоа не само што е забрането, туку и крајно е штетно за моторот.
Цените на бензинот и дизелот пораснаа на историско ниво поради војната во Украина. Некои држави веќе преземаат мерки и ги смалуваат акцизите, за граѓаните да ги поштедат од ценовниот шок и да ја смират неизвесноста. Цената на литар бензин денес (11-ти март 2022) изнесува 93 денари, литар дизел чини 97 денари. Дизелот поскап од бензинот. Некои возачи ќе почнат да бараат заменско решение и можеби ќе размислуваат да користат растително масло, место дизел. Марката, вкусот и здравствените придобивки на одредените видови салатни и растителни масла, овојпат не се важни, најважно е цената да биде колку може пониска.
Најниската цена на литар сончогледово масло во супермаркетите кај нас изнесува, на пример, 87 денари (податокот е само ориентациски, според нашето онлајн-пребарување). Во споредба со актуелната цена на дизелот, тоа се 10 денари помалку. За автомобил што троши, на пример, седум литри гориво, заштедата би изнесувала 70 денари на сто километри. Настрана што оваа заштеда е незначителна во споредба со скапата штета што може да се предизвика врз техниката.
Растителното масло сепак не е наменето да се користи како замена за дизелот во моторите со внатрешно согорување
Експертите на германскиот автоклуб ADAC порачуваат: „Најголемиот проблем е значителната разлика во вискозноста во споредба со вообичаениот дизел. Растителните масла предизвикуваат потешкотии при стартувањето и влијаат негативно врз моќноста и долготрајноста на моторот“.
Покрај тоа, пумпата за впрскување и вентилите за впрскување кај модерните дизели не се предвидени за растителното масло што има послаба течливост од дизелот, што влијае врз согорувањето. Притоа, не само што се смалува моќноста на моторот, туку по одредено време се оштетуваат моторот и системот за гориво.
Во филтерот за гориво и во водовите за гориво се создаваат талози, коишто можат да предизвикаат зачепување. Несогореното растително масло може и да доспее во моторното масло, што ќе предизвика оштетување на моторот. Киселите состојки во растителните масла можат да ги нагризаат заптивките и да ги уништат при подолготрајна изложеност.
Производителите на автомобили не одобруваат користење растително масло во дизел моторите
Постарите дизел мотори работат со далеку понизок притисок во системот за впрсквуање гориво. Во тие мотори исто така отсуствуваат сложените системи од сензори, коишто веднаш препознаваат кога ќе се наполни неквалитетно или погрешно гориво. Старите дизели со разделна пумпа можат извесно време да работат со растително масло. Но, долготрајноста на моторот и во овој случај се смалува драстично.
За жилавото растително масло да може воопшто да се користи како погонско гориво, прво мора да стане потечно и позапаливо. Друга можност е моторот да се приспособи за посебното гориво. Тоа може да се изведе, меѓутоа е скапо и чини меѓу 1.500 и 5.000 евра, вклучувајќи вградување (цена ADAC). Кај производителите и понудувачите на вакви уреди, веќе мора да се чека на долги рокови на испорака.
Државата исто така нема да биде одушевена од користењето растително масло, место дизел, затоа што се избегнува акцизата што важи за дизелот како погонско гориво. Тоа е прекршување на законите и подлежи на соодветна казна.
Екстра лесното масло исто така е штетно да се користи во замена за дизелот, а патем и забрането е да се користи за таква намена
Постојат бројни аргументи против користењето екстра лесно масло во дизел моторите. Прво е послабиот цетански број, односно послабата запаливост. Тоа може да предизвика нецелосно согорување, поради задоцнетото палење. Последица од тоа е груба работа на моторот и намалена моќност, повисока штетна емисија и талози во моторот.
Следен проблем е слабото подмачкување, односно лошата вискозност. Екстра лесното масло недоволно ги подмачкува пумпата за впрскување и вентилите за впрскување. Маслото е премногу ретко за таа намена, додека од друга страна е премногу густо за да може правилно да се распрскува. Последица е зголемено абење на пумпата за гориво и на вентилите за впрскување.