за

Виетнам ја заменува Русија како клучен светски пазар за Skoda

Skoda е во завршна фаза од заминувањето од Русија, откако претрпе загуба од близу 700 милиони евра, поради војната во Украина.

Чешката марка очекува во 2023 година да произведе и да испорача повеќе возила отколку во 2022 година, кога продажбата во светот ѝ опадна за 17 проценти, на 731.300 возила.

За зголемените очекувања на Skoda за тековната година, меѓу другото придонесува и претстојниот влез на автомобилскиот пазар во Виетнам. Во текот на вториот квартал, таму ќе започне продажбата на Kodiaq и Karoq, а од следната година ќе стартува и локална монтажа на моделите на Skoda.

Според предвидувањата на шефот за маркетинг и продажба Мартин Јан, во почетокот во Виетнам ќе се продаваат околу 30.000 возила на годишно ниво.

Skoda во октомври најави дека ќе се здружи со Thanh Cong Motor Vietnam, со цел моделите Kushaq и Slavia, што се развиени и се произведуваат во Индија, од следната година да почнат во земјата да се монтираат од готови модули. Годинава на виетнамскиот пазар ќе пристигнат моделите на Skoda од европско производство.

Марката од Млада Болеслав бара нови пазари низ светот, додека е во завршна фаза со заминувањето од Русија, по загубата во висина од близу 700 милиони евра, поради војната во Украина.

Бизнисот на марката на концернот Volkswagen во Русија беше силно погоден од прекинатите канали за снабдување, како последица од војната и од санкциите што Западот ги воведе за Русија.

Нето добивката на Skoda се намалила 12 проценти во минатата година, на 489 милиони евра. За тоа придонесоа дополнително и поскапените материјали, како и тесните грла во снабдувањето со компоненти.

Продажбата на Skoda во Русија беше десеткувана во 2022 година, со 18.300 продадени возила, наспроти 90.400 возила во 2021 година. Тогаш Русија уште беше втор најголем пазар за чешката марка.

„Преговорите (за продажба) се во завршна фаза, но не можам да дадам детали, додека сите странки не се договорат“, изјави извршниот директор Клаус Целмер на годишната конференција за медиуми.

Skoda ќе го замени производството во Русија со други фабрики ширум светот, додаде директорот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

По новиот GLC Coupe следи дотерување на Mercedes-Benz GLA

Германски еколози бараат од министерот „да заврши лобирањето за нафтените концерни за горивото од ѕверови“