за

Германски еколози бараат од министерот „да заврши лобирањето за нафтените концерни за горивото од ѕверови“

Од здружението на германските еколози му порачуваат на министерot Висинг дека е на „погрешен пат со фантазиите за е-горивата“.

Германија во последен момент излезе со став дека се противи на планот на ЕУ, за нови автомобили со мотор со внатрешно согорување да бидат забранети за продажба во ЕУ по 2035 година. Тоа предизвика големи разидувања, особено со Франција и Шпанија, коишто и натаму се на став дека сега е крајно време да се направи остар рез, за ЕУ да може да ја достигне следната цел, за нулта емисија на СО2 до 2050 година. Активистите од „Дојче Умвелтхилфе“, германско здружение за заштита на животната средина, даваат јасна слика во својата реакција до министерот за сообраќај Фолкер Висинг.

Меѓу државите членки на ЕУ се води жестока расправа околу правилноста на потегот на Германија, да го запре донесувањето на законот со којшто ќе се оневозможи во Унијата по 2035 година да се регистрираат возила со мотор со внатрешно согорување. Бидејќи постојат големи разидувања и секоја страна ги брани своите ставови, наведувајќи силни аргументи, ја пренесуваме реакцијата на германското здружение на еколози, коешто преку бројни акции и проекти учествува во напредокот во поглед на одржливоста и животната средина.

Во реакцијата од германското здружение за заштита на животната средина, Deutsche Umwelthilfe, се наведува дека „сојузниот министер за сообраќај Висинг, освен откажувањето на забраната за мотори по 2035 година, дополнително бара да се направат и отстапки за таканаречените е-горива.“

Германија бара Комисијата на ЕУ да разработи постапка, со којашто е-горивата ќе може да се вклучат во пресметката на граничните вредности на СО2 и врз таа основа ќе може да се направат исклучоци во стандардот за издувни гасови Еуро 6, за возилата што ќе точат е-гориво во резервоарот.

Директорот на здружението, Јирген Реш, коментира: „Господин Висинг како министер за сообраќај, би требало да е упатен, дека технички е невозможно, возилата да се полнат исклучиво со е-горива. Но, тоа се чини дека воопшто не му пречи. Место тоа, тој ги брани интересите на нафтеното лоби, затоа што неговиот цврст став за моторите со внатрешно согорување, има за цел, на долги рокови да се обезбеди огромен пазар за продажба на фосилни горива.“

Со ваквиот став и со божемните решенија, Висинг ја става под знак прашање декарбонизациајта на 47 милиони возила што го сочинуваат возниот парк во државата. „Тој ја повторува кардиналната грешка на своите претходници, коишто со првата одредба за СО2 и преку компензирањето со таканаречените биогорива, потрошија многу време напразно – на штета на биолошката разновидност и на животната средина“, продолжува директорот Реш.

Не случајно, Парламентот на ЕУ, Советот на ЕУ, а првично и германската влада, одлучно застанаа против идно комензирање со какви било „алтернативни течни моторни горива“, ја погодува суштината првиот човек на Здружението за заштита на животната средина.

Во соопштението се заклучува дека „Фолкер Висинг треба да знае, дека емисијата на СО2 при користење на е-горива е исто толку висока, како кај возилата со мотор со внатрешно согорување. Колку долго сојузниот канцелар ќе гледа немо, како неговиот министер за сообраќај гази не само врз заштитата на климата, туку и врз здравјето на сите нас?“

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Виетнам ја заменува Русија како клучен светски пазар за Skoda

Mazda има нов шеф, Масахиро Моро врти кон Америка