Mazda го назначи Масахиро Моро, ветеран во важниот огранок во Северна Америка, да биде нов извршен директор на компанијата. Промената се случува во време кога на компанијата ѝ претстои пошироко воведување на електромоторите во погонот во своите модели.
Моро беше претседател на мрежата на Mazda Motor во Америка, пред да стане прв човек во управата на јапонскиот производител во 2021 година. На претстојниот годишен собир на акционери ќе се гласа, за Масахиро Моро од јуни да ја преземе функцијата на извршен директор на Mazda.
Досегашниот шеф Акира Марумото ја извршуваше функцијата на претседател и извршен директор од 2018 година. Марумото (65) во иднина ќе ја врши функцијата на виш советник. Кијотака Шобода останува претседател на компанијата.
Моро го заслужи унапредувањето, во голем дел благодарение на успешното спроведување на реформите во продажната мрежа во САД, како и на воведените мерки за подобрување на профитабилноста на работењето на Mazda во земјата. Тоа го изјави Марумото во текот на конференцијата за медиуми во петокот.
Новиот шеф цени дека зголемувањето на продажбата на ниво на дилер во САД е клучна цел за најважниот пазар на јапонскиот производител на автомобили. Моро најави два големи кросовери коишто ќе го овозможат растот во продажбата во земјата.
Промените во менаџментот предвидуваат и унапредување на досегашниот шеф за Северна Америка, Џефри Гајтон, на функција на главен шеф за финансии во светски рамки и негово назначување за член на управниот одбор на компанијата.
View this post on Instagram
Гајтон ќе раководи од Хирошима. Тој го задржува директорското место во северноамериканскиот огранок, дополнително преземајќи одговорност да управува со трошоците и место на „асистент на претседателот“.
Работата на Гајтон ќе се состои во наоѓање нови можности за јапонскиот производител, што 86 проценти од продажбата остварува надвор од Јапонија, со тоа што 36 проценти отпаѓаат само на Северна Америка.
Моро поставува два приоритети во својата работа
Првиот приоритет на Моро е „успешно да се пуштат во продажба големи модели, коишто ќе бидат главен носител на растот и компанијата ќе ја насочат кон зголемување на продажбата.“
„Вториот приоритет е воведување активности за намалување на трошоците на ниво на цела компанија, вклучувајќи ги сите синџири за набавки и синџири за создавање дополнителна вредност, со цел да продолжи подобрувањето на ефикасноста на менаџментот, како и целиот бизнис да стане поробусен,“ додава Моро.
Со промените во менаџментот се става посилен нагласок на Северна Америка, додека компанијата подготува нови модели на кросовери и ја засилува својата игра во делот на електричните возила.
Mazda во ноември најави дека ќе вложи 1,5 трилион јени (10,6 милијарди долари) во електрификација до 2030 година. На тој пат ќе бидат склучени и нови партнерства, почнувајќи од батерии и електромотори, до микрочипови, со цел да се држи чекор со новите технологии во автомобилскиот свет.
Со инвестицијата се предвидува и производство на електрични возила во САД, што би почнало во 2026 или 2027 година. Тоа е дел од втората фаза на штотуку обновениот бизнис план на компанијата во среден рок.