Корејската марка си обезбеди нов простор за раст, со електричниот СУВ со три реда седишта и место за седум патници EV9. Комплетно новиот модел на Kia отвора сосем нов пазар за електричните возила. Не постои друг автомобил на струја освен EV9, во сегментот на просторните СУВ-модели што се наменети за семејството, а воедно располагаат и со пристојна практичност за превоз на крупен товар, на пример, спортска опрема.
Целта на EV9 не е само да се привлече нов круг купувачи во сегментот на електричните возила и Kia да си обезбеди предност со раното претставување на седумседот EV9, туку овој СУВ има и улога на нов знаменосец на марката, што трајно ќе го смени имиџот на Kiа.
„Постојат неколку автомобили со седум седишта на пазарот“, изјави Артур Мартинс, глобален бренд менаџер на Kia, за индустрискиот гласник Аутомотив Њуз, при премиерата на моделот во Сеул.
„Ќе потрае додека останатите големоволуменски марки влезат во сегментот, така што тоа претставува огромна можност за нас, не само заради продажбата, туку и заради транзицијата на марката и новото позиционирање на Kia.“
Робусниот прототип на EV9, што беше прикажан во Сеул, верно го следи концептниот автомобил што светот го виде првпат на салонот во Лос Анџелес во 2021 година. Сериската изведба на моделот ќе доживее премиера на салонот во Њујорк во април.
Каросеријата со кутиеста форма е поставена ниско, прозорците се високи и долниот раб им завршува мошне ниско. Внатрешноста нуди исклучителна просторност, а дизајнот внатре е мошне елегантен. Во носот на возилото се забележува варијантата на „тигарскиот нос“, како што дизајнерите на Kia ја нарекуваат таа препознатлива форма, во стилот познат од EV6. Останува и дигиталната анимација на светлата како кај концептниот автомобил.
Шемата со точкести диодни светилки целосно ги зафаќа аглите и рабовите во предниот дел од возилото. Kia планира овој изглед да го применува за сите следни електрични модели. Задните светла исто така приредуваат шоу, со шемата што Kia ја нарекува Star Map Signature, со изглед што потсеќа на водови на печатено електронско коло.
Меѓу главните обележја се багажникот под предната хауба и седиштата во средниот ред што може да се свртат наназад – постои и можност тие да се свртат за 90 степени и да гледаат кон прозорците. Исправениот опаш овозможува повеќе простор за патниците во третиот ред седишта.
Дизајнерите оставиле во внатрешноста само неколку физички копчиња за ракување со основните функции, на пример, климатизацијата. Намерата била да се создаде елегантна арматурна табла, што не изгледа пренатрупано. Дури и бирачот на режим за возење и копчето за старт се поставени на управувачкиот столб. Преместувањето на командите од нивното вообичаено место важи и кај новиот Sportage – копчето за ракување и отпуштање на паркирната сопирачка кај него се наоѓа лево под воланот.
Уште една голема промена е тоа што светнатите црни површини, коишто се стандард во целата бранша веќе со години, во EV9 се заменети со природна сива боја. Дизајнерите ценат дека таа боја создава погостопримлива средина.
„Користењето сиви бои изгледа пософистицирано, попријатно,“ кажува главниот дизајнер Карим Хабиб.
Kia има растечка побарувачка за своите модели. Податоците од маркетингот на марката покажуваат дека од 2021 до 2022 година, бројот на потенцијални купувачи што земаат предвид да изберат возило од марката Kia пораснал за 60 проценти. Директорот за маркетинг Маринс открива и дека позитивното мислење за марката Kia исто така напредувало за 90 проценти.
Продажбата на Kia на пазарот во САД во 2022 година се зголеми за 1,1 процент, со вкупно 693.549 возила. Тоа се случува во време кога целиот пазар во земјата забележал пад од 7,9 проценти. Во јануари и февруари, продажбата продолжи да расте и забележа плус од 23 проценти во споредба со лани. Електричниот модел EV6, што е конструиран врз платформа наменета строго за модели со погон на струја, годинава ја зголемил продажбата во САД за 13 проценти, со вкупно 2.404 примероци.
Kia ќе ги објави техничките податоци, вклучувајќи ја големината на батеријата и досегот, неколку денови пред првото појавување на EV9 пред јавноста во април. Менаџерите и инженерите кажуваат дека морало да се жртвува малку од аеродинамичноста и од досегот, со цел да се постигне повеќе простор во кабината и да се испочитува кутиестата форма на каросеријата.
Затоа, пак, надоместено е со трикови, како што е целосно мазен под, ниско растојание од подлогата и подолг превис на предниот дел од каросеријата, или активни ламели зад маската, со цел да се псотигне максимум во поглед на аеродинамичноста. Дизајнерот Хабиб посочува дека EV9 има најдолг заден спојлер во целата гама на Kia, заради подобро водење на воздушното струење.

Kia очекува долготраен ефект од исклучителниот изглед и од напредниот електричен погон на EV9. Целата стратегија се потпира врз фактот што е мал бројот на конкуренти во тој дел од пазарот, особено во поглед на традиционалните големоволуменски производители.
„Електрификацијата е како копче за ресетирање во низата марки што купувачите ги земаат во предвид за да купат возило,“ кажува Мартинс. „Некои марки, што во минатото секогаш беа на списокот за купување, одненадеж повеќе не се на тој список, поради електрификацијата. Таа донесува нови купувачи, што во минатото никогаш не земале предвид да купат Kia.“
Планот на Kia е да ја удвои стратегијата со раното запоседнување на пазарните сегменти, со тоа што ќе пушти во продажба 17 нови модели со електричен погон до 2027 година, најавува Мартинс. EV9 е знаменосец и врв во понудата, којашто со електрични модели ќе ги покрива сите класи.