Суперб по третпат: Најдоброто од Шкода уште подобро

Дури и Октавиа мораше да се поддотера за да ги пречека новите знаменосци Суперб и неговата СУВ-сестра Кодиак. Светлата, браниците, материјалите во внатрешноста на бестселерот се по пример на врвното чешко дуо. Разликата е во тоа што Октавиа имаше фејслифт, додека Суперб-Кодиак се сосем нови. Македонска премиера.

Тоа е како правило кај лимузините што имаат сериозна работа на автомобилската сцена. Колку помалку тие се сменети во новата генерација во споредба со претходничката, толку биле поуспешни. Нема потреба за нештата да се менуваат и менаџерите да се обидат да постигнат нешто повеќе по заобиколен пат. Така и со Суперб. Силуетата е новата генерација е иста со претходничката, меѓутоа деталите ја откриваат разликата.

Некои од тие детали се мошне впечатливи, големи. Маската на пример, во којашто некој лаик ќе се излаже дека му личела на БМВ, само е голема, и ништо друго. Октавиа може да си дозволи да има толку голема маска. Ова е автомобил со име.

Шкода Суперб балансира меѓу средна класа и виша класа, односно меѓу Ц-Класа и Е-Класа. Нема друг модел за споредба, туку мора да биде премиум-модел, затоа што друго лимузинско и не преживеа во класата, односно во двете класи. Исто е како што Шкода Октавиа реално е компакт, а во неа многумина гледаат средна класа.

Што всушност постигнува Млада Болеслав со овој автомобил, најдобро се осознава кога погледот ќе се врати на сцената пред две децении, најмногу четвртина век. Ситроен Ксантиа, Фиат Крома, Форд Мондео, Хонда Акорд, Мазда 626, Нисан Примера, Опел Вектра, Рено Лагуна, сé е пензионирано. Освен Суперб.

Околу преживувањето од Суперб има уште едно поглавје, тековно. Фолксваген Пасат, на пример, во новата генерација целосно ја дели техниката со Шкода Суперб. Не е обратно, затоа што Млада Болеслав беше задолжена за развојот на моделот. Организирани се луѓево, затоа им успева Суперб. Суперб го „урна“ и Пасат, барем лимузинската изведба. Во моментов, волфсбуршката икона се произведува единствено во комби-изведба. Шкода произведува и лимузина и комби. Исто како што беше на почетокот, во првата генерација, кога чешката лимузина јасно се распознаваше како Пасат. Сега е сосем спротивна ситуацијата.

Димензиите се сменија незначително, главно 33 милиметри во должина и 42 милиметри во висина. Багажникот порасна за 20 литри, на 645 литри, тежината во изведбата со 1,5-литарец се зголеми за 87 килограми.

Основната погонска изведба е бензинец од 1,5 литар, со напредна технологија за исклучување на цилиндар, два, кога не се бара голема моќност, но и со благ хибрид. Токму тоа овозможува потрошувачката во град да се спушти на 7,1 литри, за еден литар помалку во споредба со претходничката. Бензинецот со 150 КС секогаш доаѓа со менувач ДСГ и чини 3.290 евра помалку од дизелот со истата моќност.

Тоа нема да ги одврати закоравените обожуватели на дизелот, меѓутоа ќе ги охрабри фановите на убавото и лимузинско бензинско возење, затоа што разликата во потрошувачката меѓу бензин и дизел, денес одвај дека го оправдува вториов погон.

Третата погонска изведба е дволитарски ТДИ со 193 КС и стандардно погон 4х4, со цена од 45.360 евра, во нивото Есенс, односно 4.180 повеќе за нивото Селекшн.

Опременоста повеќе не е тема во оваа класа, меѓутоа убаво е чувството да се знае што сé има Суперб: Средишен дисплеј од 13 инчи и дигитални инструменти од 10 инчи, двозонски автоматски клима уред, греење во предните седишта, задна камера и паркинг сензори, сите можни системи за асистенција. Сето тоа е стандард.

Од опциите, Шкода нуди за 15 милиметри зголемено растојание од подлога, за 239 евра, радарски темпомат за 393 евра, проекциски дисплеј за 437 евра (само во Селекшн), аудиофилски систем Кантон за 627 евра. Чесите ја задржуваат традицијата, нивото на цени на дополнителната опрема е исклучително достапно.

Голема работа се трите дизајн пакети, вклучувајќи го и најпрестижнниот Суит Коњак, со кожени седишта во боја на коњак, со масажа и вентилација, како и половина арматурна табла обложена исто како седиштата. Посебно освежувачки е најдостапниот дизајн пакет, Лаунџ, со меки материјали, односно „човечки произведено“ платно што личи како волна и во внатрешноста создава впечаток како да се седи во домашниот салон. Сето тоа го придружува и „домашен“ мирис, што внесува сосем ново искуство.

Уште е неизвесно дали Шкода Суперб ќе пристигне на тест, дотогаш ќе биде мошне корисно видеото од тестот на Октавиа. Повеќе од еден час автомобилска содржина, вообичаено за вашата Аутомедиа.

Претходна објаваГермански експерт обвинува дека политиката е виновна за кризата во домашното производство на автомобили
Следна објаваФолксваген го смени шефот што беше задолжен за штедењето

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here