Škoda прославува во Русија. Од почетокот во 2009 година, во фабриките во земјата се произведоа 750.000 возила. Јубилејниот модел од производствената лента во Нижни Новгород е Škoda Kodiaq. Чешката марка само лани продала 20.600 примероци од големиот СУВ на рускиот пазар.
За значењето на денешниот ден во историјата на Škoda говори Михаел Олјеклаус, член на управниот одбор за производство и логистика: „Škoda до денес произведе три четвртини милион возила во Русија. По овој посебен повод им честитам на сите наши вработени во Нижни Новгород и Калуга. Ова е одлична мотивација да ја продолжиме нашата успешна приказна.“ Постоењето на фабриките што директно го покриваат рускиот пазар ѝ овозможува на Škoda на своите купувачи да им понуди возила со висока противвредност и да ги испорача за кусо време.
Русија е клучен пазар за Škoda, којашто во изминативе години напредуваше солидно. Само во 2020 година, чешката марка го зголемила својот удел на 6,8 проценти. Со годишна испорака на 94.000 возила, Русија е трет најголем пазар за Škoda. Во рамките на концернот, токму Škoda доби одговорност како марка да се пробива на пазарите во Русија и во поранешните руски републики, како и во Северна Африка, и особено на растечкиот пазар во Индија.
Чесите започнаа со производствго на своите модели во Русија во 2009 година, кога од Калуга почна да излегува втората генерација на Octavia. Во 2012 година се придружи фабриката во Нижни Новгород, каде што денес се произведува Karoq за локалните пазари.
Во Калуга екслузивно се произведува Rapid, кој имаше освежување лани во мај. Моделот наидува на исклучителен интерес на рускиот пазар. Во Нижни Новгород се произведуваат уште Kodiaq, како и четвртата генерација на Octavia.
Еден од секои пет автомобили со знакот на Škoda што се продаваат на рускиот пазар е Kodiaq. Моделот почна со производство во Нижни Новгород во февруари 2018 година.
















