Веста од Холандија не е во тоа што најпродаваниот автомобил во земјата е електричен, туку во тоа што Škoda Enyaq го презема водството. Вториот најпродаван автомобил во земјата не се разликува многу. Тоа е кросоверот Kia Niro, што освен во електрична е достапен и во хибридна изведба.
Ноемвриската продажба на автомобили во Холандија забележа пад од 17,5 проценти, со вкупно 27.333 возила. Од почетокот на годинава таму се продадоа близу 290.000 возила или за околу 8 проценти помалку од лани. Kia се спротивставува на негативниот тренд и во ноември успеа да ја зголеми продажбата за 15,2 проценти. Kia е воедно и најпродавана марка на холандскиот пазар. Од секое десет продадени автомобили годинава, еден е Kia.
Volkswagen е во силен пад со -36%, трета е Toyota, па следи Škoda (+0,8%) на четвртото место, со скок од шест места од октомври. Марките во ноемврискиот Топ 5 се воедно и најпродавани марки во единаесетте месеци. Kia води со 27.282 примероци, следат Volkswagen со 26.456 и Toyota со 21.179 продадени автомобили, за топ-петорката да ја заокружат Peugeot со 18.667 и Škoda со 18.421 возила.
Првото место на Škoda Enyaq потврува дека во време на хроничен недостиг од полупроводници, производителите им даваат предимство на електричните и општо на поскапите модели во својата понуда. Тоа секако не го намалува успехот на електричниот СУВ со техника од VW ID.3 и ID.4. Вториот најпродаван автомобил во Холандија во ноември е вкупно најпродаван автомобил од почетокот на годинава: Kia Niro со 992 примероци во ноември и вкупно 9.796 примероци од јануари до ноември. Корејците го имаат и вториот најпродаван модел во земјата годинава: Picanto!
Електричната Škoda Enyaq се појавува и во Топ 10 за периодот јануари-ноември, со 5.151 продадени примероци, на 9-то место.
Најпродавани 10 модели во Холандија до ноември 2021
Модел | Ноември ‘21 | Јан – Ное ‘21 |
Kia Niro | 992 | 9796 |
Kia Picanto | 577 | 7499 |
Volvo XC40 | 479 | 7242 |
VW Polo | 698 | 7108 |
Toyota Yaris | 211 | 6201 |
Toyota Aygo | 588 | 5543 |
Peugeot 208 | 668 | 5332 |
Opel Corsa | 414 | 5274 |
Skoda Enyaq | 998 | 5151 |
Renault Captur | 446 | 4711 |