Секој ден ќе се изработуваат до 350 примероци од електричната Škoda Enyaq, на иста линија со Octavia и Karoq.
Денес започна сериското производство на Enyaq iV во матичната фабрика на Škoda во Млада Болеслав. Целосно електричниот СУВ е прв модел на Škoda што ја користи платформата за електрични модели MEB (Modularer ElektrifizierungsBaukasten или систем од заеднички компоненти за возила со електричен погон) на концернот Volkswagen.
Чешката фабрика е единствена во целиот производствен систем на концернот, во којашто на една производствена линија се изработуваат и модели со обичен погон врз платформата MQB и модели со електричен погон врз платформата MEB. Тоа беше посебен предизвик за инженерите во Млада Болеслав.
За двата погонски различни концепти на возила да се произведуваат на иста лента, Škoda вложи 32 милиони евра во приспособување на производството. Предизвикот беше во тоа да се обезбеди доволно цврста статика на самиот објект, за манипулирање со тешките батерии, како и машините да се приспособат со истата цел. Во исто време се работеше и на безбедност во работата со батериите, меѓу другото и инсталација на термални камери.
Škoda Enyaq ќе се нуди со заден или со погон на сите тркала. Во кабината масивно се користат материјали од обновливи избори, а возилото располага и со напредни системи за асистенција. Купувачите ќе имаат и избор меѓу три големини на батерија и пет варијанти на моќност.
Во двете најсилни варијанти се вградува електромотор и на предната оска. Со најголемата батерија, Škoda Enyaq ќе може да вози до 536 километри до следниот полнач. Чешката марка воведе и сосем нов начин на конфигурирање на возилото, со однапред скроени пакети. Тоа се очекува да влијае позитивно во одреден дел и врз цената на возилото.