Изведбата на Шкода Елрок со најдолг досег, на новиот СУВ-модел на чешката марка од компакт класата, со едно полнење ќе може да вози преку 560 километри. Тоа го ветува марката на концернот Фолксваген, додека ги објавува првите фабрички фотографии на коишто се гледа маскиран Елрок. Маските првпат ќе бидат симнати од новиот модел наесен.
Елрок е конструиран врз платформата МЕБ на концернот Фолксваген. Тоа е истата платформа што ја користат Фолксваген ИД.3 и ИД.4, како и новиот Форд Експлорер.
Шкода го опишува автомобилот „како близок сродник на семејството Ениак,“ на електричните СУВ-модели на марката од средната класа.
Елрок е првиот целосно електричен модел на Шкода во сегментот на компактни СУВ. Тоа е вториот најголем сегмент на европскиот автомобилски пазар, по малечките СУВ-модел. Во овој сегмент досега се нудеа помалку модели со електричен погон, отколку што тоа е случај со останатите каросериски изведби. Производителите објаснуваат дека причината е во тоа што овие модели се користат како примарно возило во семејството, и сопствениците не сакаат да имаат грижи околу досегот.
Откако ќе биде пуштен во продажба во ЕУ, Елрок во првото тромесечје од 2025 година ќе почне со продажба и во ОК, наведуваат од Шкода.
Елрок е долг околу 4.500 милиметри, споредено со 4.649 милиметри на Ениак.
Изведбата со најдолг досег, Елрок 85, располага со батерија од 82 кВч, со што се постигтнува досег од „преку“ 560 километри, посочува Шкода. Моделот ќе се натпреварува против Рено Сеник Е-Тек, со досег до 620 километри, како и со новиот Пежо Е-3008, што во почетокот на следната година ќе се понуди во изведба со батерија со 98 кВч, со којашто ќе се постигнува досег од 700 километри.
Шкода ќе произведува и изведба на Елрок со покус досег, со батерија од 55, односно 63 кВч. Врвната изведба поседува батерија од 82 кВч, погон на сите тркала и моќност од 295 КС.
Полнењето од 10% наполнетост на батеријата до 80% ќе трае околу 28 минути, наведува Шкода без да ја посочи вредноста на максималната брзина на полнење.
Елрок е прв сериски модел на Шкода што ќе го покажува дизајнерскиот јазик Модерн Солид. Шкода првпат го прикажа овој дизајн со концептниот електричен СУВ со ознака Вижн 7С во 2022 година.
Новиот изглед се одликува со Тек Дек Фаца, којшто е унапредување на тековниот изглед на носот на Шкода, со затворена горна половина од маската, што е над редицата вертикални отвори. Во маската се наоѓаат радарот и предната камера.
Елрок нуди багажник со зафатнина од 470 литри, односно максимално 1.580 литри со соборена клупа. Во кабината се наоѓаат прегради коишто имаат вкупна зафатнина од 48 литри.
Четири верзии во понуда
Шкода не ги објави цените, но наведе дека ќе бидат достапни четири изведби од Елрок:
- 50: Батерија од 55 кВч, полнење за помалку од 25 минути; 125 кВ моќност; највисока брзина 160 км/ч; заден погон
- 60: Батерија од 63 кВч, полнење за помалку од 25 минути; 150 кВ моќност; заден погон
- 85: Батерија од 82 кВч, полнење за помалку од 28 минути; 210 кВ моќност; заден погон
- 85 Икс: Батерија од 82 кВч, полнење за помалку од 28 минути; 220 кВ моќност; погон на сите тркала со двојни електромотори
Погледот во кокпитот го привлекува средишен дисплеј од 13 инчи. Возачот ги чита информациите за возењето на дополнителен дисплеј од 5,3 инчи зад воланот.
Од опциите се нудат иновативен џеб за сместување на кабелот за полнење и приспособлив под на багажникот.
Елрок е прв од 4-те нови електрични модели што Шкода има намера да ги пушти во продажба во следните неколку години.
Малечкиот СУВ Епик е најавен за 2025 година, со почетна цена од 25.000 евра, потврдија Чесите. Електричниот модел од 4,1 метри е еден од 4-те достапни ЕВ модели на концернот Фолксваген, од матичната марка, од Шкода и Сеат. Тие ќе се борат против евтините ЕВ што доаѓаат на европскиот пазар од кинеските марки, како БИД и МГ Мотор.
Третиот модел е комби од средна класа што е во план за 2026 година. Тој ќе се постави покрај Октавиа, најпродаваниот модел на Шкода во Европа, и поголемата Суперб. Четвртиот модел е сериска изв едба од Вижн 7С, којшто е СУВ со должина од 4,9 метри и можност за седум седишта.