Ланд Ровер најавува голема премиера на фестивалот на брзината во Гудвуд, на собирот на најбрзите и најсилните. На овој светски ценет настан, теренскиот специјалист доаѓа со Дефендер Окта, посебна изведба на моделот, со врвно подвозје и соодветен мотор за тоа.
Ланд Ровер има намера во следните години четирикратно да го зголеми профитот од продажбата на модели од специјални серии, и машинеријата за таа цел веќе работи под полна гас. Окта е името на специјалната серија од Дефендер, што ЈЛР ја рекламира како „најцврст, најспособен и најлуксузен модел во незапирливото семејство 4х4, што способноста на Дефендер 110 ќе ја донесе до невидено ниво.“
Моторот е 4,4-литарски Ве-8 твин турбо, изведен како благ хибрид, со 635 КС и вртежен момент што во динамичен режим достигнува 800 њутнметри, место стандардните 750 њутнметри. Спринтот до темпо сто за четири секунди говори доволно за тоа што може да го постигне овој специјален Дефендер Окта.
За овој мотор да може да ги ослободи своите потенцијали, заслуга има подвозјето 6Д Динамикс, револуционерна технологија што имаше премиера во Рејнџ Ровер Спорт СВ, во најдинамичната изведба на моделот.
Зафати во надворешноста посочуваат дека тука навистина станува збор за најспособниот Дефендер досега. Тоа важи и теренското возење. Предниот и задниот браник се преправени за да се овозможат уште поголеми агли на пристап и заминување. Заштитата на подвозјето е уште потемелна, за возачите да не стравуваат да навлезат уште подалеку во истражување на непознатото.

Дефендер Окта најдобро покажува за што е способен со можноста да влезе во вода длабока до еден метар – како ниту еден Дефендер пред него
Името Окта доаѓа од најцврстиот и најпосакуван минерал во светот, дијамантот. Октахедралната форма во којашто се брусат дијамантите, го дава нивниот препознатлив изглед и воедно гарантира цврстина. Графика со оваа форма го одликува врвниот модел во гамата на Дефендер. „Силен и отпорен, но впечатлив, редок и посакуван“, опишуваат од Куќата на брендовите, од ЈЛР.
На украсните странични панели се наоѓа графика во стил на дијамант, изработена од титаниумска плочка, што е поставена на тркалезна основа. Тоа е уште едно обележје на ексклузивноста на Окта.

Само во првата година на производство на Дефендер Окта ќе биде достапна изведбата Едишн Уан. Таа ќе се препознава по новата фарска зелена боја, во комбинација со внатрешност во комбинација од жолто-кафена и боја на слонова коска. Кабината е дополнително облагородена со карбонски елементи. Тркалата се ковани и со пречник од 20 инчи.
Спојот од подвозје што е способно за врвни теренски предизвици, а во исто време обезбедува и врвна динамика по асфалт, како и комфор, лежи во хидропневматската суспензија што Британците првпат ја вградија во спортски екстремната СВ-изведба на Рејнџ Ровер Спорт. Тоа е полуактивно подвозје, што способностите ги темели главно на отсуството на класични стабилизатори. Поради тоа, тркалата имаат поголема слобода да се приспособат на теренот. Клучните компоненти во подвозјето се преработени, вклучувајќи ги водилките.

Окта вози 28 милиметри повисоко од стандарден Дефендер. Гумите се теренски и имаат големина од 33 инчи. Ширината на трагата на оските е зголемена 68 милиметри и оттаму доаѓа голем дел од екстра динамиката.
Напред се вградени сопирачки дискови од 400 милиметри, со шепи Брембо. Преносниот однос во управувањето исто така е подиректен од кога било.
Подвозјето автоматски ја препознава подлогата и се приспособува. Секако дека може и да се интервенира по желба. Покрај комфорниот режим, што е стандарден, и динамичниот режим, за врвни перформанси по асфалт, нов режим е Окта. Тоа е првпат во Дефендер да се користи режим што е наменет за пробивање по најпредизвикувачки терени.
Видеото ги прикажува спектаклите што ги изведува Дефендер Окта
Посебност на Дефендер Окта: Режим за лансирен старт при возење по терен, за максимално забрзување кога подлогата не е цврста
Класичните функции на Дефендер, како Терен Респонс, со програми за снег, мраз, трева, кал, песок и карпа, секако дека не отсуствуваат. Истото важи и за опцијата што прави хаубата да стане „проѕирна“.

Куќата на Брендовите наскоро почнува со нарачки, иако е сосем извесно дека главнината од планираната продукција е распродадена однапред. Цената за Дефендер Окта Едишн Уан во ОК чини 160.800 фунти, односно 145.300 фунти за стандарндата верзија Окта.
Премиерата пред публика е на Фестивалот на Брзината во Гудвуд, што се одржува од 11-ти до 14-ти јули.
















