Продажбата на Шкода во Германија, во првите единаесет месеци од годинава порасна за 24 проценти и го достигна своето досега највисоко учество на пазарот од 7,4 проценти. Чесите 16 години по ред ја имаат најпродаваната увозна марка на германскиот пазар.
Шкода годинава постигна рекорден раст на германскиот пазар. Од почетокот на годинава до ноември, на најголемиот пазар во Европа се испорачани 191.243 возила или за 24 проценти повеќе од истиот период лани. Повисок пазарен удел од 7,4 проценти досега не е постигнат во повеќе од 30-годишната историја на Шкода Ауто Дојчланд.
За големината на достигнувањето сведочи 4-то место на Шкода во продажбата на возила во Германија. Шкода го постигна и најголемиот раст меѓу марките во Топ 10. Голема заслуга за успехот носи електричниот СУВ-модел Ениак, којшто од јули наваму е најпродаван електричен автомобил годинава. Уште поголем раст се очекува в година да постигне компактниот електричен модел Елрок.
Големиот наплив од модели почна пролетоска со освеженото моделско годиште на Скала и Камик, а потоа и на бестселерот Октавија. Сите три моделски серии го освежија изгледот и добија побогата опременост. Тоа беше само најава за почетокот на продажбата на новата генерација на знаменосците, лимузината и комби Суперб и големиот СУВ-модел Кодиак. Во почетокот на октомври првпат пред светот се појави и електричниот компактен СУВ-модел Елрок.
Шкода продава одлично и на силниот пазар на флотни продажби во Германија. За возни паркови што се освежуваат со 10 и повеќе возила, Шкода е втора најпродавана марка.
Досегашната динамика покажува дека Шкода ќе ја заврши годинава со повеќе од 200.000 продадени возила во Германија. Оваа вредност беше надмината првпат пред корона-кризата, во 2019 година.
Најпродаван модел секако е Октавија, а по неа следат Карок и Фабија. Електричниот СУВ од средната класа Ениак е веќе на 4-то место.
















