Годинава за Škoda ќе мине во одбележување на важниот јубилеј. Повеќето од овие историски модели ги познаваме и од нашите улици и од соседството, дел од следниве автомобили на чешката марка многумина ги помнат и како семејни возила. Автомобили што во секој случај побудуваат убави сеќавања и дополнително означуваат важни историски поглавја на Skoda.
1905
LAURIN & KLEMENT VOITURETTE A
Тоа е првиот автомобил од Млада Болеслав, како почеток на следното поглавје по успехот со велосипедите Slavia и мотоциклите Laurin & Klement. Моделот именуван L&K Voiturette A во тоа време беше моторизиран пристојно со својот двоцилиндарец во V со зафатнина од еден литар, со моќност од седум КС. Тоа беше доволно за 40 km/h. Историјата го помни овој автомобил по лесната управливост, возните својства и противвредноста. Моделите што се појавуваа со текот на годините добиваа само различна буква во ознаката.
1911
LAURIN & KLEMENT S
Серијата модели S се произведуваше 14 години и се вбројуваше меѓу бестселерите, со продукцијата од преку 2.000 примероци. Благодарение на овој модел, Laurin & Klement своевремено станаа најголем производител на моторни возила во австроунгарската империја. Верзијата L&K Sg во 1913 година беше достапна во дури десет каросериски изведби, вклучувајќи докторска или доставна варијанта, како и дамско купе.
1925
LAURIN & KLEMENT/ŠKODA 110
Во 1925 година, Laurin & Klement се здружи со најголемиот машински концерн и производител на наоружување во Централна Европа, гигантот Skoda од П‘лзен. Моделот L&K/Škoda 110 од тој преоден период се нудеше во цела низа варијанти, меѓу другото со тврд или платнен покрив. Идејата да се понудат два автомобила во еден беше реализирана со отстранливиот заден дел. На тој начин, оригиналниот автомобил се претвораше во пикап. Трговците можеа да го користат автомобилот за достава на стока во работната недела, за во неделите тој да се претвори во семејно возило, со место за сопругата и децата.
1934
ŠKODA SUPERB
Кога компанијата бараше име за својот нов знаменосец во 1934 година, беше избрано Superb. Производството на Š 640 Superb со шестцилиндарски мотор започна во 1935 година. Како дел од ексклузивната опрема се вградуваше шестцевно радио или преграда од палисандер, за одвојување на местото за возачот од патниците, меѓу кои се вбројуваа политичари, дипломати и бизнисмени. Меѓу купувачите на ова возило спаѓаше и фирмата за обувки Bat’a од Злин, којашто произведуваше и гуми под истото име за моделите на Skoda.
1936
ŠKODA POPULAR Monte Carlo
Во 1936 година, Škoda Popular втора ја мина целната линија на релито Монте Карло, во категоријата до 1,5 литар. Брзо потоа компанијата понуди спортски модел во купе или родстер изведба, во чест на големиот успех. Меѓу напредните технички решенија се вбројуваа лесната, но крута носечка рамка, независното водење на сите тркала и траксаксијалниот погон преку1 синџир, исто акко и елегантната каросерија со аеродинамична форма.
1959
ŠKODA OCTAVIA
Škoda Octavia доби мошне звучно име. Оригинално, името потекнува од латинскиот јазик и означува „осма“, бидејќи Octavia беше осми модел на Škoda со прогресивна носечка рамка, но и осми модел по војната. Автомобилот се продаваше одлично, а на тоа се надоврзуваа и големи успеси на тршки трки и натпревари, вклучувајќи хет-трик на релито Монте Карло. Скандинавските возачи постигнуваа чуда со Octavia на снег и на мраз. Подоцна следеше и практичната изведба Combi, којашто се произведуваше до 1971 година.
1961
ŠKODA FELICIA
Felicia беше сестрински модел на Octavia, со платнен покрив. Со доплата се испорачуваше и цврст повеќеслоен покрив, исто така отстранлив. Љубителите на брзината повеќе се решаваа за моќната изведба Super, со два карбуратори. Во 1950-те и 1960-те се произведоа вкупно 14.863 примероци. Felicia од крајот на продукцијата, денес е еден од најценетите ветерани на сцената на олдтајмери. Клубот со името на моделот, основан уште во 1960 година, уште е присутен на сцената.
1964
ŠKODA 1000 MB
Во 1964 година пристигна сосем нова генерација модели, со четирицилиндарец назад и со погон назад. Како еден од најдобрите европски автомобили во класата до еден литар, од овој модел се произведоа речиси 443.000 примероци од „Ем-Бе“. Фирмата од Млада Болеслав се гордееше на алуминиумскиот блок на моторот кој беше лиен под притисок, како оригинален процес на чешката марка, исто како и на новоизградената фабрика со којашто значително се зголеми продукцијата. Покрај стандардната и помоќната изведба 1100 MB, се нудеше и варијанта со две врати MBX. Škoda продолжи со модели со заден погон до 1990-те години.
1970
ŠKODA 110 R + ŠKODA 130 RS rallye
Елегантната Škoda 110 R coupé со седишта во конфигурација 2+2 беше дело на фабриката во Квасини во Источна Бохемија. За извоз заминаа преку 57.000 модели „R“. Впечатливата појава произлегуваше од линијата на покривот, од стилските средишни столбови и од вратите без рамка. На тоа следеа анатомски седишта, како и раскошен број инструменти на арматурната табла. Денес овој модел е меѓу најбараните од периодот на 1970-те. Врз основа на овој модел во 1975 година беше изработена уште една легенда од мотоспортот, Škoda 130 RS. Поради перформансите на рели и на тркачките патеки, RS доби прекар „Porsche од истокот“. Моторот од 1,3 литар постигнуваше моќност меѓу 140 и 183 КС, додека крајната брзина изнесуваше 220 km/h.
1987
ŠKODA FAVORIT
Favorit донесе темелна промена во концептот на Škoda, од принципот „сé назад“ на „сé напред“. Со ослободувањето на простор за багаж назад и со вградувањето преклоплива клупа, се овозможи изведување на комби, а подоцна и пикап варијанта. Практичноста во секојдневието направи од овој модел да биде уште едно големо име во историјата на марката. Дизајнот беше потпишан од Bertone. Моделот се произведе во повеќе од еден милион примероци.
1996
ŠKODA OCTAVIA I
Во 1996 година се појави првиот модел што беше целосно развиен како модел на концернот Volkswagen. На купувачите им се допаѓаше огромниот багажник, заедно со одличната противвредност. Како прв модел со каросерија контруирана со примена на CAD, Octavia се одликуваше и со висока безбедност. Дизајнот го изработе сопствен тим предводен од Дирк ван Брекел. Производството траеше до 2010 година, паралелно со моделот од втората генерација.
2016
ŠKODA KODIAQ
По 40 години од историското поглавје со мултинаменската Trekka од Нов Зеланд, изработена врз основа на Octavia Super, беше претставен првиот член на новото семејство СУВ-модели на марката. Името Kodiaq доаѓа од крупна сорта кафени мечки во Канада. Багажникот е најголем во сегментот, но силна страна претставува и напредната електроника, особено системите за асистенција. По Kodiaq следеа уште два модели, Karoq и Kamiq.
2019
ŠKODA CITIGOᵉ iV
Прв големосериски модел на Škoda со погон чисто на струја, со електромотор со 61 kW, батерија од 36,8 kWh и досег до 252 километри според новата норма.
2019
ŠKODA SUPERB iV
Знаменосецот од третата генерација стана достапен и во варијанта iV, со плагин-хибриден погон со 218 КС и досег до 62 километри.
2019
ŠKODA OCTAVIA IV

Од 1959 година се произведоа повеќе од 6 милиони автомобили со моделското име Octavia. Во ноември започна новото поглавје, со моделот од четвтртата генерација. Моделот се достапен и во верзии со погон на метан, како и во плагин-хибридна варијанта.
2020
ŠKODA VISION iV
Концептот на кросовер со електричен погон Vision iV ќе премине во сериски автомобил во текот на годинава. За европскиот пазар, моделот ќе се произведува во матичната фабрика на Škoda во Млада Болеслав.