за

Seat преоѓа во марка за кар-шеринг и модел на претплата

Преродбата на марката Seat предвидува проширување на понудата од електрични скутери и услуги што се засноваат врз кар-шеринг, краткотрајно изнајмување.

Групацијата Volkswagen ги води во завршница плановите, за во текот на оваа година да ја претвори марката Seat во платформа за микромобилност. Во исто време, Шпанците се подготвуваат за спортската марка Cupra да ја лансираат на пазарот во САД.

Трансформацијата на марката, којашто ги произведува компактот Leon и градската икона Ibiza, покрај триото СУВ-модели Ateca, Arona и Tarraco, планира да ја прошири својата понуда од електрични скутери и услуги за изнајмување што се водат под иметео Seat Mo. Тоа го најави извршниот директор Вејн Грифитс во интервју во Барцелона.

„Во градовите гледам алтернатива за автомобилите, а можеби гледам и алтернатива за автомобили во приватна сопственост, како и за воведување повеќе модели на претплата и изнајмување,“ кажа Грифитс.

Плановите со Seat даваат претстава за тоа како групацијата Volkswagen ја прекројува својата понуда од 10 марки, којашто почнува од достапни модели и завршува со Bentley и Lamborghini. Тоа се промени што се условени од преоѓањето во електричната ера и во ерата на напредна технологија за секојдневна примена.

Volkswagen во минатата година ги пушти на берза акциите на Porsche AG, производител на култниот спортски модел 911 и највреден производител на автомобили во Европа. Групацијата склучи и договор за преземање на Europcar, со цел да ги прошири своите услуги за мобилност.

Концернот од Волфсбург вложува 10 милијарди евра, за фабриките на Seat во Шпанија, коишто се наоѓаат во Марторел и Памплона, да ги пренамени во европски центар во којшто ќе се произведува широка палета од електрични возила.

Seat исто така ќе раководи со развојот на малите електрични модели на групацијата Volkswagen, каде што е најголем предизвикот да се постигне добивка.

Како и сите останати марки, Seat е под притисок од сé построгите стандарди против загадување што ги воведува Европската Унија за возилата со мотор со внатрешно согорување. За да се исполнат тие барања, потребно е возилата да поскапат за 2.000 евра во просек.

Голем број модели ќе мора да се откажат, бидејќи трошоците за возилата да ги исполнат стандардите ќе бидат превисоки, објаснува Грифитс.

Шпанската марка лани произведе 480.000 возила и постигна оперативна добивка од 179 милиони евра.

Марката Cupra, којашто стартуваше во 2018 година, со модели од рангот на Formentor, лани ја удвои продажбата, со 153.000 возила. Планот е растот да продолжи со нови модели со целосно електричен погон, што ќе бидат претставени во следните две години.

Целта на среден рок е производство од 500.000 возила годишно од марката Cupra.

Cupra планира да пушти во продажба неколку електрични модели во САД и да се впушти во трка со Tesla, најавува Грифитс.

Влезот на тој пазар условува изградба на фабрика во регионот, дополнува менаџерот.

„Можно е да станеме успешна ниш-марка, затоа што гледаме дека и останатите марки што се наши соперници во Европа исто така преземаат чекори кон САД,“ кажува Грифитс, повикувајќи се на плановите на Renault за таму да ја лансира спортската марка Alpine.

Месечна претплата е нова хит-понуда на европскиот автопазар

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sportage најпродаван модел на македонскиот пазар во февруари

Мотоцентар е стандард за гумите, новиот предизвик се германските масла Rowe