Според неофицијални податоци, во вториот месец од годината на домашниот пазар се продадени 326 нови патнички автомобили и доставни возила. Kia ги има првиот и третиот најпродаван модел во февруари, Skoda држи дури четири места во Топ 10.
Skoda е најпродавана марка на македонскиот пазар во февруари, со вкупно 48 продадени возила. Со четири возила помалку следи Kia, трета е Toyota со 24 возила. Со голем заостаток следи Hyundai, петтото место му припаѓа на Volkswagen.
Вкупно 286 патнички автомобили се продадени во минатиот месец, што е за 4,7 проценти послабо во споредба со февруари лани. Благодарение на одличната продажба во јануари, пазарот во првите два месеци сепак бележи пристоен раст од 15,5 проценти во споредба со почетокот на минатата година.
Kia Sportage се катапултираше на врвот, со раст од 141,7% во споредба со февруари лани, со 29 продадени возила во вториот месец, односно вкупно 49 продадени возила од почетокот на годината. На бестселерот му припаѓаат дури 8,9 проценти од пазарот во минатиот месец. Тоа значи дека на приближно секои десет продадени возила, едно е Kia Sportage. Корејскиот СУВ-модел од фабриката во Жилина, Словачка, бил најпродаван модел и во февруари лани. Sportage ја заврши минатата година на третото место.
Второто место ѝ припаѓа на Toyota Corolla, со 12 примероци, односно вкупно 25
примероци годинава. Тоа е автомобилот што ја носи титулата на најпродаван модел на македонскиот пазар во цела 2022 година. Модел што постигна многу на македонската сцена, веројатно повеќе од сите свои претходници. Но, останува ушто едно поглавје за Corolla да го истурка шампионски, откако наскоро почнува со испорака освеженото моделско годиште, вклучувајќи го и хибридниот погон од петтата генерација – во меѓувреме познат од Corolla Cross.
Третиот модел во Топ 10 исто носи знак на Kia, тоа е кросоверот Stonic, којшто покажува дека уште има материјал во него. Четвртото место ѝ припаѓа на кинеската марка MG. Причината за оваа марка да се најде на високо место во февруари, веројатно е испорака на службени возила.
Мошне силен впечаток оставаат моделите на Skoda на четири места едно по друго. Прв е Kamiq, по него вози Octavia, па следи Karoq, и заoкружува Scala.
Renault Clio се држи добро годинава со 17 продадени возила во првите два месеци. Најпродаваниот Volkswagen е многу голем модел, тоа е доставното возило Crafter. Јануарскиот шампион Citroen C3, во февруари е на заслужен одмор со 5 продадени примероци, но одличната продажба во јануари прави тој да е трет најпродаван автомобил годинава, со 29 примероци.
Место | Модел | Фев. ’23 | 2023 |
1 | Kia Sportage | 29 | 49 |
2 | Toyota Corolla | 12 | 25 |
3 | Kia Stonic | 11 | n/a |
4 | MG ZS | 11 | 26 |
5 | Skoda Kamiq | 11 | 32 |
6 | Skoda Octavia | 11 | 18 |
7 | Skoda Karoq | 9 | n/a |
8 | Skoda Scala | 7 | 22 |
9 | Renault Clio | 6 | 17 |
10 | VW Crafter | 6 | n/a |
n/a | Citroen C3 | 5 | 29 |
n/a | Hyundai Tucson | 5 | 27 |
n/a | Dacia Duster | 1 | 19 |