за

Renault Espace се престори во СУВ и оди на диета

Renault му најде ново место на некогашниот миниван Espace и го пушта во продажба летово како СУВ од средна класа, со нов хибриден погон.

Шестата генерација на Espace, по ново СУВ-модел од средна класа, а претходно миниван, покуса е 14 сантиметри од претходничката, којашто беше осмислена како миниван. Во внатрешноста сепак има 40 милиметри повеќе простор.

Renault Espace беше револуционерен модел кога се појави во првата генерација во 1984 година, како прв европски миниван. Новиот Espace е СУВ-модел од средна класа, со нагласок на штедливоста и на приспособливоста во кабината.

Новиот Espace е шеста генерација модели со ова име и ќе почне со продажба на лето во Франција. Цените ќе бидат објавени во следниот период.

Новиот автомобил доаѓа на местото на Koleos, којшто во гамата на Renault беше позициониран како голем СУВ. Французите лани продадоа само 4.708 примероци од Koleos. Една година пред тоа, продажбата достигнa 5.840 примероци.

Renault Espace ќе биде достапен во изведба со пет или седум седишта и со конструкцијата е мошне близок со компактниот СУВ-модел Austral, којшто беше пуштен во продажба лани. Espace и Austral се произведуваат на иста лента во фабриката во Паленсија, Шпанија.

Исто како Austral, Espace ја користи најновата изведба на платформата CMF-C/D на алијансата Renault-Nissan. Станува збор за платформа што е оптимизирана за хибриден погон. Со 4.722 милиметри, Espace е подолг 140 милиметри од Austral. Во меѓуоскиното растојание (2.738 mm) исто така стојат на располагање 70 mm повеќе отколку во Austral.

 

Двата модели ги делат моторите, со тоа што главното место му е дадено на хибридниот погон E-Tech на Renault. Погонската спрега ја сочинуваат 1,2-литарски бензинец со три цилиндри и моќност од 130 КС, два електромотори – со тоа што едниот од нив дејствува како стартер-генератор – и безстепен менувач CVT на Renault. Системската моќност изнесува точно 200 КС/

Renault не наведува дали ќе нуди и обична погонска изведба од Espace. Во гамата на Austral се нуди како опција благ хибриден погон со 48-волтен стартер-генератор.

Новиот Espace e полесен за 215 kg, со најголема заштеда постигната во погонската спрега (50 kg), во платформата (43 kg), во каросеријата (38 kg) и со помалите димензии (84 kg)

„Го ставивме Espace на диета,“ кажа Бруно Вадел, одговорен за перформансите на моделите на Renault, при претставувањето на Espace во Париз. Аеродинамичноста е подобрена, меѓу другото благодарение на тоа што новиот модел е 32 милиметри понизок и има многу поповолна форма на ретровизорите.

Внимавањето на штедливоста се исплатеше, затоа што емисијата на СО2 изнесува 104 g/km, што е 34 проценти помалку од сегашниот Espace, којшто не располага со хибриден погон. Потрошувачката на гориво изнесува 4,6 литри на стро километри. Тоа е за 40 проценти помалку од тековниот модел со дизел мотор. Со полн резервоар, новиот СУВ би можел да помине 1.100 километри.

Renault кажува дека хибридниот систем дозволува Espace да помине 80 проценти од растојанието при возење во град во чисто електричен погон.

Espace во кокпитот ги нуди истите системи како Austral, вклучувајќи го инфо-забавниот систем OpenR Link, којшто се заснова врз гугл. Посебно за Renault се развиени 39 наменски апликации, повеќето од нив бесплатни.

Купувачите ќе можат да избираат меѓу три нивоа на опрема. Основното е Techno, по него следи спортското ниво Esprit Alpine, а врвното ниво е Iconic. Според Ванел, Renault очекува дека 80 проценти од купувачите ќе се решаваат за двете повисоки нивоа.

Меѓу посебностите на Espace е најголемиот фиксен стаклен покрив што се нуди на пазарот, со должина од 1.330 mm и ширина од 840 mm.

Пазарот на миниваните исчезнува, додека купувачите се префрлуваат на СУВ. Некои од најголемите конкуренти, вклучувајќи го Peugeot 5008, прераснаа во СУВ. Голем дел од останатите модели, меѓу кои и Ford S-Max, исчезнаа од пазарот. Лани Renault продаде само 1.135 примероци од својот модел со легендарното име.

Електричниот погон донесе раст во продажбата во сегментот на Espace

Новиот сегмент за Espace, на СУВ-модели од средна класа, се наоѓа во ренесанса благодарение на електричните модели. Лани овие возила учествувале со 5,5 проценти во вкупната продажба.

СУВ-моделите од средна големина го сочинуваат осмиот најголем сегмент во Европа. Лани беа продадени 557.943 возила. Предводник во продажбата е Toyota RAV4, со 87.844 примероци.

Најголемата заслуга за растот во сегментот сепак се должи на новите модели со електричен погон. Едниот од нив е Volkswagen ID4, којшто е втор најпродаван модел лани, со 68.466 примероци и раст од 25 проценти. Трет е Skoda Kodiaq со 66.842 продажби. Во топ 10 се наоѓаат и електричната Kia EV6, како и уште еден Volkswagen, купе-СУВ моделот ID5, исто така со погон на струја.

Renault планира уште еден модел од средна големина, којшто ќе биде пуштен во продажба в година, но тоа нема да биде електричен автомобил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Renault France (@renault_france)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Холограм со Peugeot 408 лебди во трговски центар во Виена

Kia Sportage најпродаван модел на македонскиот пазар во февруари