за

Мотоцентар е стандард за гумите, новиот предизвик се германските масла Rowe

Како што објаснува генералниот менаџер Горан Гроздоски, вклучувањето на моторните масла Rowe во понудата на Мотоцентар се темели на синергија и на начелото на фирмата за „one-stop“ услуга.

Германските моторни масла Rowe се новиот производ и воедно прв производ што не е непосредно поврзан со автомобилските пмневматици, во понудата на Мотоцентар. По денешното претставување на новата соработка меѓу двете компании, македонските возачки и возачи добиваат пристап до моторни масла што е мошне веројатно дека многумина ќе ги земаат како прв избор.

Во вообичаена рутина, што присутните гости на денешното претставување на новата соработка на Мотоцентар, ги пренесе на момент во некоја средина штосе разликува од нашето секојдневие, водечката македонска компанија во бизнисот со пневматици најави уште една марка производи што ја вклучува во својата понуда.

Разликата со сите претходни настани и почнувања на соработки на Мотоцентар е во тоа што новиот партнер доаѓа од огранок од автомобилската сфера што не е во директна поврзаност со пневматиците, доаѓа од индустријата на моторни масла. Rowe е германска компанија, чијшто претставник на денешната конференција во хотел Мериот во Скопје увери дека нејзините производи навистина се 100% изработени во Германија, и изработени со вообичаениот квалитет за тамошната култура на производство.

Како што посочи генералниот директор на Мотоцентар, Горан Гроздоски, двете компании ги спојуваат неколку нешта, а меѓу другото и фактот што станува збор за семејни компании. Rowe е основана во 1995 година од инженер Михаел Цее, со цел да произведува иновативни и квалитетни средства за подмачкување со печат „Made in Germany“.

Понудата опфаќа повеќе од 400 производи и тоа веќе укажува дека се нуди целата палета на производи на средства за подмачкување. Во германски темелното и јасно преставување на компанијата, регионалниот менаџер за продажба во Rowe, Патрик Вајланд, зборуваше за начелото во компанијата за самостојно да го покрие секое подрачје од производството, односно да не се потпира на добавувачи или фабрики надвор од Германија.

Горан Гроздоски, генерален директор на Мотоцентар (л.), Патрик Вајланд, регионален менаџер за продажба во Rowe (д.)

Тежиштето е поставено на моторни масла и зимска хемија за автомобилската бранша. Покрај тоа се нудат и средства за подмачкување за најразлична примена. Rowe е присутна на повеќе од 80 пазари широк светот, од Северна Америка до Австралија, вклучувајќи 30 пазари во Европа. Главното производство е во фабриката во Вормс, којашто со површина од 110.000 метри квадратни е неколкукратно поголема од фабриките на Liqui Moly и Motul.

Rowe е групација којашто вклучува вкупно 14 компании, концентрирани околу Rowe Mineralolwerk GmbH. Колку е проширен дијапазонот што го покрива компанијата, говори и фактот што во состав на групацијата влегува и Palbo GmbH, специјалист за изработка на пластична амбалажа, меѓу чијшто клиенти спаѓаат и бројни производители на храна, каде што се бараат врвни стандарди.

Директорот Гроздоски спомна случка од неговата посета на фабриката, кога во разговор со сопственците на компанијата прашал зошто Rowe самостојно ги произведува пакувањата за моторните масла и останатите производи, на што следел одговор „ги проверивме остантите производи и не ни се допадна нивниот квалитет“.

По брзиот раст на пазарот и на продукцијата на Rowe, фабриката во Вормс е отворена во 2014 година, по две години планирање и уште толку време во изградба. Бидејќи станува збор за модерна фабрика, уште од почеток се внимавало на одржливоста, главниот клуч на делување на индустријата денес. Цевоводите во фабриката се должи вкупно 65 километри. Посебноста е во т.н. посветени линии, односно секоја линија е наменета само за еден производ. Тоа ја зголемува продуктивноста, но и ја поштедува животната средина, затоа што цевките не мора да се плакнат постојано, кога треба да се смени продукцијата. Дополнително е предност и тоа што не може да се случи мешање на средства по грешка. Врвен квалитет, од старт.

На покривот на фабриката се поставени фотоволтаици на површина од 4.000 метри квадратни, кои испорачуваат струја за фабриката. Се користи и топлината од котлите, којашто преку термо-електро-блок (600 kW) понатаму служи за загревање на халите.

Фабриката во Вормс располага со 38 котли за мешање, со вкупно 8 милиони литри резервоари, 12 модерни постројки за полнење и капацитет за производство на 3.000 пакувања на час.

На тоа се надоврзува капацетот на фабриката во Бубенхајм, со 20 котли, 3 милиони литри резервоари, 10 системи за полнење и капацитет исто така од 3.000 пакувања на час.

Моторните масла Rowe се засноваат врз две основни начела: Перформанси и одржливост. Тоа што прави Rowe да биде вистинска германска марка е учеството во мотоспортот. „Тоа е подвижната лабораторија“, објаснува Гроздоски. Во таа смисла, на важниот настан во историјата на Мотоцентар присуствуваше и македонскта тркачка ѕвезда Игор Стефановски Иџе.

Мало отстапување од првичната замисла беше престојот на еден важен политичар во престижниот скопски хотел, па не можеше да се оствари тркачкото возило на Иџе да биде еден од носечките чинители од важниот настан. Но, Стефановски е доволен и без неговиот болид покрај себе, земјава и светот на мотоспортот веруваат во тоа што го постигнува македонскиот возач.

Палетата на производи на моторни масла е исклучително широка, меѓутоа квалитетот е заедничко обележје. За тоа сведочат бројните фабрички сертификати од реномирани марки, меѓу кои Mercedes-Benz, Volkswagen и BMW, коишто ги одобруваат маслата на Rowe во своите возила.

Мошне корисна алатка за секој да го најде соодветното моторно масло за својот автомобил, но и целата палета производи што одговараат, достапна е на вебсајтот на германската компанија, под линкот https://www.rowe-oil.com/en/oil-guide

Може да се избере марка и модел, но може да се пребарува и според API-спецификацијата што ја пропишува секој производител (пример CK или SP). Покрај сите видови моторни масла што одговараат за секој модел, зависно од начинот и условите на користење на возилото, се прикажуваат и масла за менувач, за сервоуправување, за сопирачки и антифриз (Rowe е меѓу ретките компании во Европа што самостојно произведуваат антифриз).

Честитки за уште еден беспрекорно организиран настан до директорката за маркетинг г-ѓа Моника Бошковска и за симпатијата што компанијата Мотоцентар ја гради кај своите клиенти преку високата култура на корпоративно делување.

Изјави на менаџерите по повод денешниот настан

  • Наш приоритет е континуирано овозможување врвна понуда за нашите корисници. Покрај обемното портфолио на пневматици, нашата деловна стратегија содржи и понуда на резервни делови, средства за подмачкување и авто козметика. Во тој правец, со стратешкото партнерство со “ROWE“ го носиме препознатливиот германски квалитет и високи стандарди на чекор до љубителите на автомобилизмот во Македонија. На таков начин го збогатуваме портфолиото на “Мотоцентар“ и со широкиот асортиман производи “ROWE“ наменети за третман на возила, уште еднаш ја потврдуваме позицијата на “Мотоцентар“ како предводник на трендовите во овој авто-мото сегмент во нашата држава,

    г-дин Горан Гроздоски, Генерален Директор на “Мотоцентар“.

  • ROWE нуди целосен асортиман на производи за возила, 100% направени во Германија, кои
    се развиени и произведени по највисоки стандарди! Со нашите моторни масла и други
    продукти, како масла за менувач и течности за ладење, на потрошувачите им нудиме
    лубриканти за нивните превозни средства, со квалитет кој до сега не беше достапен на
    територија на Македонија,

    г-дин Патрик Вајланд (Patrick Weiland), Регионален Менаџер за Продажба во “ROWE“.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat преоѓа во марка за кар-шеринг и модел на претплата

Автобуси со водороден погон од Toyota ќе возат во Мадрид