Ексклузивната марка Rolls-Royce меѓу јануари и декември лани испорачала 5.586 возила ширум светот. Тоа претставува раст од 49% во споредба со преклани.
Сите главни региони на коишто е присутна британската марка, лани пријавиле рекордна продажба, вклучувајќи ги Кина, Северна и Јужна Америка, Азија и Пацификот, како и бројни значајни пазари ширум светот. Книгата со нарачки моментно е пополнета до третиот квартал од годинава.
Директорот Торстен Милер-Отвос коментира за успехот: „Нашето исклучително моќно портфолио од продукти, извонредната Bespoke-понуда, заедно со првата цела година на достапност на Ghost, лансирањето на Black Badge Ghost во октомври и континуираната побарувачка за Bespoke-персонализација, придонесе во значајна мера за нашиот исклучително силен перформанс. Тоа посебно нé охрабрува додека се подготвуваме за историското лансирање на Spectre, нашиот прв целосно електричен автомобил
Најголем придонес за растот на продажбата има Ghost, којшто од октомври е достапен и во мошне бараната изведба со спортски нагласок Black Badge. Секако дека во бројот на испораките предничи луксузниот СУВ-модел Cullinan. Голем е интересот и за знаменосецот, Phantom. Пазарот покажува голема заинтересираност и за користените возила, кои исто така достигнаа рекорд.
Со вкупно 2,5 милиони километри што ги минуваат тест-прототипите на електричниот Spectre, Rolls-Royce симулира 400 години експлоатација на автомобилот.
Меѓу возилата изработени по посебна нарачка, во Гудвуд ги издвојуваат Phantom Oribe, изработен во соработка со Hermès, потоа Phantom Tempus, Black Badge Wraith и Black Badge Dawn Landspeed Collection. Марката со спектакуларно силна традиција во иднина ќе се посветува повеќе и на изработката на специјални каросериски надградби. Пример за тоа што може да го изработат во одделението Rolls‑Royce Coachbuild е уникатниот и баснословно скап Boat Tail.
Британците се подготвуваат за стартот на електричниот Spectre, што светот може да го очекува во четвртиот квартал од 2023 година. Rolls‑Royce за овој модел го спроведува најобемното тестирање во својата историја
>>> Rolls-Royce има електричен автомобил, името е Spectre
