Наследникот на Opel Antara има нос во стил на Mokka, достапен е во изведби со приклучен хибриден погон и располага со целосно дигитален кокпит. Испораките на првите европски пазари ќе стартуваат веќе во февруари.
Започна редовното сериско производство на новото моделско годиште на Opel Grandland во Ајзенах. На свечениот чин присуствуваа извршниот директор на Opel, Уве Хохгешурц, и премиерот на сојузната покраина Тиринген, Бодо Рамелов. Славеничкиот примерок од моделот што ја наследува низата Frontera – Antara е во изведба со приклучен хибриден погон со системски 300 КС, погон на сите тркала и врвно ниво на опрема Ultimate.
Концернот Stellantis, каде што припаѓа Opel како дел од PSA, есеноска најави можност за затворање на фабриката во Ајсенах, поради рационализација на производствената мрежа. Тогаш се појавија на протести организираните работнички синдикати. Менаџментот и државата реагираа брзо, така што иднината на историската фабрика во Тиринген е обезбедена, со производството на Grandland.
„Нé радува што новиот Opel Grandland се произведува во Ајзенах“, изјави Ксавиер Шеро, претседател на надзорниот одбор на Opel и главен кадровик во Stellantis. „Социјалниот дијалог повторно доведе до конструктивни решенија, коишто направија да се зголеми конкурентноста на фабриката – тоа е посебно важно додека се случува голема пресвртница во автомобилската индустрија.“
Opel ја продолжува својата стратегија за електрификација со новиот Grandland и го нуди компактниот СУВ-модел во две изведби со прикчучен хибриден погон. Grandland Hybrid располага со системски 224 КС и 360 њутнметри, коишто преку осумстепен автоматски менувач се пренесуваат на предната оска. Втората изведба располага со втор електромотор, преку кого што се постигнува и погон на сите тркала. Opel Grandland Hybrid4 доаѓа до 300 КС и 520 њутнметри, задржувајќи ја воедно примерната штедливост и ниска емисија на „послабиот“ модел.
Grandland ја дели техниката со Peugeot 3008 SUV, 5008 SUV, со Citroen C5 Aircross и со DS 7 Crossback. Моделската изведба Grandland Hybrid4 ја користи истата погонска спрега како уникатниот Peugeot 3008 Hybrid4 Black Pack што ја имавме на тест лани.
Увозникот Еуроимпекс уште во декември ги објави цените за моделската 2022 година на Opel Grandland. Редовната цена за најдостапната моделска изведба на македонскиот пазар, Grandland 1.2 DI со 130 КС и основно ниво на опрема, изнесува 26.570 евра. Опременоста на „новата Frontera“ е богата уште во основното ниво и вклучува автоматски двозонски клима-уред, диодни предни и задни светла, систем за задржување во лента, автоматско долго светло, камера за знаци, темпомат, дигитални инструменти од 7 инчи и средишен дисплеј од 7 инчи, електрична паркирна сопирачка и тркала од лесен метал.
Моторот со 130 КС е достапен во комбинација и со 8-степен автоматски менувач (од 28.480 евра), а единствен дизел е 1,5 литарец со 130 КС, којшто стандардно доаѓа со автоматски менувач и чини 31.110 евра, во основното ниво на опрема.