за

Милионери ќе наддаваат за три историски Mercedes-Benz 300 SL

На првото наддавање на RM Sotheby’s годинава ќе бидат понудени три историски важни примероци од Mercedes-Benz 300 SL, за најскапиот се очекуваат десетина милиони долари.

Меѓу 64 олдтајмери што RM Sotheby’s ќе ги понуди на наддавање на 27-ми јануари се наоѓаат единаесет возила со знакот на Mercedes-Benz. За три од нив се очекува да привлечат најмногу интерес меѓу колекционерите: Еден Mercedes-Benz 300 SL Roadster од 1964 година, еден Mercedes-Benz 300 SL со крилести врати, произведен во 1955 година, како и Mercedes-Benz 300 SL со алуминиумска каросерија, исто така од 1955 година.

Секој произведен примерок од иконскиот Mercedes-Benz 300 SL денес вреди најмалку еден милион долари, секако доколку е сочуван во беспрекорна состојба. Некои примероци се посебно важни, па соодветно им се зголемува вредноста за неколкупати. Mercedes-Benz 300 SL се произведуваше меѓу 1954 и 1957 година како купе со крилести врати, а од 1957 до 1963 година како родстер. Вкупно се произведени 1.400 примероци од купето и 1.858 примероци од родстерот. Меѓународно жири во 1999 година го прогласи овој историски важен модел за „спортски автомобил на векот“.

Mercedes официјално престана со производство на култниот модел со мотор со 215 КС и крајна брзина до 260 km/h во 1963 година. Сепак имаше уште три примероци што се произведоа во 1964 година, како последни во моделската серија. Еден од тие автомобили е токму примерокот што RM Sotheby’s ќе го понуди на наддавање во Феникс на крајот на јануари. Според експертите на аукционерската куќа, од овој примерок се очекува да постигне вредност меѓу 2,2 и 2,5 милиони долари. Автомобилот има поминато само 80.342 километри.

Mercedes-Benz 300 SL Roadster (1964)

Помалку, но пак на милионска вредност, се проценува примерокот од 300 SL што единствен е произведен во комбинација од темносива каросерија и облоги на седиштата од црвен тартан. За него се очекуваат меѓу 1,45 и 1,65 милион долари. Спортскиот автомобил изработен за американскиот пазар пристигнал кај дилерот во Њујорк во 1955 година. Автомобилот со само неколку сопственици оттогаш, целосно бил реставриран во 2014 година.

Mercedes-Benz 300 SL Gullwing (1955)

Автомобилот што се очекува да постигне највисока вредност на првото наддавање во Аризона е Mercedes-Benz 300 SL со алуминиумска каросерија и крилести врати, од 1955 година. Неговата вредност се цени меѓу седум и девет милиони долари.

Купето со алуминиумска каросерија било изработено по идеја на тогашниот главен инженер на Mercedes-Benz, др. Фриц Налингер. На крајот на февруари 1954 година, тој предложил пред менаџментот да се изработи специјален 300 SL за примена на трка. Со исклучок на ветробранот, сите прозорци се изработени од плексиглас. Тежината била намалена за повеќе од 100 килограми, за германскиот автомобил да им се спротивстави на британските и италијанските болиди, од ковот на Aston-Martin DB3S, Maserati A6GCS или Ferrari 750 Monza и 250 GT. Според архивите, вкупно биле изработени 29 примероци со лесна констуркција, наменети за приватни возачи.

Mercedes-Benz 300 SL Alloy Gullwing (1955)

Тринаесеттиот од 24 примероци од алуминиумскиот 300 SL со крилести врати, што се изработени во 1955 година, бил нарачан од официјалниот агент на Mercedes-Benz, Јозеф Ф. Векерле во Казабланка, Мароко. Копија од купопродажниот договор сведочи дека истиот бил потпишан на 27-ми мај 1955 година во Унтертиркхајм. Испораката следела по две недели. Сопственикот ги нарачал сите ставки за намалување на тежината, сребрено сива каросерија и сино габарден-платно во внатрешноста. Исто се нарачани и задна оска за висока брзина, радио Becker и брзиномер до 270 km/h. Тоа е единствен алуминиумски 300 SL, што бил испорачан во Африка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sportage vozenje

Kia Sportage мина уште еден месец во лидерство на македонскиот пазар

Opel Grandland со нов лик стартува со производство во Ајзенах