Ампер, огранокот на Рено што е посветен на електричните автомобили, ќе „размисли за развој“ на целосно електрично мини за Нисан. Тоа значи можност да се додаде втор модел покрај идниот Рено Твинго, што ќе ја користи истата техника, откако Фолксваген годинава ја откажа соработката.
Моделот на Нисан ќе биде втор електирчен модел што е развиен и што се произведува заеднички од двата партнери во алијансата. Во следната година, Ампер ќе почне со производство на наследничката на Микра, којашто ќе биде со целосно електричен погон и ќе ја дели техниката со Рено 5.
Ампер исто така ќе произведува компактен СУВ за Мицубиши, којшто е третиот партнер во алијансата. На настанот за медиуми што се одржа во Дуе, Франција, не беа соопштени натамошни подробности околу трите модели. Настанот имаше за цел да ги запознае новинарите со резултатите од работата, по една година откако Ампер се издвои како посебен огранок во групацијата Рено.
Лука де Мео, извршен директор на групацијата Рено и на Ампер, кажа на настанот дека позитивното искуство од проектот со Микра го охрабрило Нисан да се впушти во развој на мини-автомобил врз истата платформа. „Проектот Микра се одвива многу, многу добро,“ кажа тој. „Сé е според планот, со времето и со трошоците.“
Извршниот директор на Нисан очекува голем раст од достапниот електричен автомобил врз база на Твинго
Извршниот директор на Нисан, Макато Учида, кажа дека малечкиот електричен автомобил може да му помогне на јапонскиот производител да го зголеми својот удел на пазарот во Европа. Обраќајќи се преку видео порака на настанот во Дуе, тој кажа дека новиот модел ќе се продава по „привлечна и достпана цена.“
„Тоа претставува проширување на нашата соработка во различни сегменти на возила,“ кажа Учида.
Нисан соопшти дека ќе инвестира 600 милиони евра во Ампер. Групацијата Рено се надеваше дека Ампер ќе се појави на берзата како посебна компанија, по пат на првично јавно наддавање, односно понуда на акциите на јавна продажба. Тој план беше напуштен на завршетокот на 2023 година, поради неповолните пазарни услови.
Мицубиши исто така соопшти дека ќе купи удел во Ампер, меѓутоа уште ја нема објавено висината на сумата.

Електричното Твинго ќе добие ретро изглед
Следната генерација на Твинго, со изглед што го зема како пример првото Твинго од раните 1990-ти години, треба да почне со продажба рано во 2026 година. Цената на основниот модел би требало да биде под 20.000 евра.
Моделот ќе се произведува во фабриката на Рено во Ново Место, Словенија. Во фабриката до неодамна се произведуваше тековниот Твинго, што беше развиен во соработка со Смарт. Во моментов во словенската фабрика се произведува Клио, на една монтажна линија.
Новото Твинго ќе користи верзија на платформата АмпР Смол, што ја поседуваат Рено и Рено 4 СУВ. Французите предвидоа новиот модел да го развијат во рок од две години, откако во есента 2023 година најавија дека ќе го произведуваат моделот. Де Мео тогаш кажа дека новите модели мора да се развиваат побрзо, за да може да им се спротивстави на кинеските конкуренти.
Дел од развојот на Твинго ќе се одвива заедно со партнерите од Кина, соопшти Рено.

Новото Твинго ќе користи поевтини батерии со хемија литиум јон железен фосфат
Твинго ќе поседува поевтини батерии со хемија литиум јон железен фосфат, место со хемија никел манган кобалт, што се користат во Рено. Ампер на 30-ти октомври соопшти дека успеале за само 18 месеци да ја приспособат платформата за користење батерии литиум кон железен фосфат.
Де Мео го опиша новото Твинго како „сребрен куршум за одржливата урбана мобилност“ и го спореди со јапонските кеи-карс, малечки градски автомобили со мотори со најмногу 660 сантиметри кубни.
Рено соопшти дека месечните трошоци за користење ќе бидат пониски од 100 евра, без притоа да се наведат подробности, како и потрошувачка на енергија што ќе биде „најдобра во класата“, со 10 киловатчасови на 100 километри. Тоа е за 50 проценти под трошоците за постоечките малечки автомобили со електричен погон.
Рено и концернот Фолксваген преговараа да ги поделат трошоците за развој на новото Твинго и ФВ да добие сопствена верзија. Преговорите сепак пропаднаа и секоја компанија реши да развива сопствен електричен автомобил со ниска цена.
Французите во мај соопштија дека во развојот на Твинго ќе соработуваат со кинеска инженерска компанија. „Развојот на автомобилот ќе се одвива со кинески партнер, со цел да ги подобриме нашето време на развој и трошоците,“ објавија тогаш од Рено.
Доколку Рено развие верзија на Твинго за Нисан, тоа ќе помогне за фабриката во Ново Место да ја зголеми искористеноста. Во писмото на разбирање што групацијата Рено го потпиша со словенската влада во јули, се наведува годишен капацитет за производство на 150.000 возила.
















