Мицубиши ја продлабочува соработката со партнерот од алијансата Рено во Европа и ќе додаде компактен СУВ со погон со мотори со внатрешно согорување во својата понуда од модели, најави јапонскиот производител.
Тоа е 4-от модел што Рено ќе го произведува за Мицубиши во Европа, по малечкиот СУВ-модел АСИкс (врз база на Рено Каптур), градскиот модел Колт (на база на Рено Клио) и компактен СУВ со целосно електричен погон, што беше најавен уште претходно.
Електричниот модел што ќе го произведува Рено ќе биде единствен целосно електричен автомобил во понудата на Мицубиши. Јапонците, патем, беа меѓу првите производители на автомобили што понудија целосно електричен автомобил во Европа. Тоа беше познатиот градски модел и-МиЕВ, што беше достапен и во понудата на Мак Аутостар.
Новиот компактен СУВ со погон со мотори со внатрешно согорување, ќе располага и со обична бензинска изведба и со целосно хибридна изведба, соопшти Мицубиши. Овој СУВ ќе почне со продажба во 2025 година.
Мицубиши не откри повеќе детали околу автомобилот. Во понудата од компактни СУВ на Рено спаѓаат новиот Симбиоз, купе кросоверот Меган Конквест и престижниот модел Аустрал. Сите тие се достапни во изведба со класичен хибриден погон.
Мицубиши има испланирано пет нови модели за периодот од 2023 до 2025 година. Тука спаѓа и новата генерација на Аутлендер, СУВ од средна класа со приклучен хибриден погон. Марката, во којашто Нисан има мнозински удел, своевремено планираше да ги запре вложувањата во Европа, но откако во 2022 година беше постигнат договор за производство во Рено, Мицубиши почна да се враќа.
Продажбата во Европа во првите девет месеци порасна за 59 проценти, на 47.327 возила, според податоците на Датафорс. Само АСИкс и Колт годинава додадоа 14.000 примероци во продажбата, односно тие се главните двигатели на растот на Мицубиши во Европа.
Најпродаван модел е Спејс Стар, со 19.580 примероци од јануари до септември.
















