Новиот Renault Espace прерасна во СУВ-модел од средната класа, покус 140 милиметри во споредба со досегашниот миниван, но пак со повеќе простор во кабината од него.
Renault ја прикажува силуетата на новиот Espace, којшто ќе биде достапен во изведба со пет или со седум седишта. Моделот долг 4,27 метри ја користи истата платформа со новиот СУВ-модел од компакт класата Austral, којшто е долг 4,51 метри. За должината на кабината, францускиот производител наведува вредност од 2,48 метри, што е повеќе во споредба со претходната генерација на моделот, којашто беше конципирана како миниван, верно на богатата традиција на моделското име Espace.
На сликите се наѕира дека маската, предниот браник и задните светла се исто како кај Austral, меѓутоа таму опашот е повеќе издолжен. Renault ја користеше истата формула кај компактните миниванови Scenic и Grand Scenic.
Espace беше револуционерен со концептот на миниван, кога првата генерација се појави во 1983 година. Новиот модел прераснува во СУВ, слично на потегот што Peugeot го изведе успешно со своите модели 3008 и 5008.
Напролет дебитира шестата генерација на моделот под името Espace.
Renault го лансираше Austral кон завршетокот на минатата година, како модел што се базира врз платформата CMF-C/D на сојузот Renault-Nissan. СУВ-моделот се нуди во Европа во изведби со благ и целосен хибриден погон.
Електричните модели на Renault ја користат платформата CMF-EV, вклучувајќи го новиот Megane E-Tech, како и идната генерација на Scenic, којшто исто така прераснува од миниван во СУВ.
View this post on Instagram
Претставувањето на новиот Espace е дел од новата стратегија на извршниот директор на групацијата, Лука де Мео, којашто става нагласок на моделите од компакт и средната класа. На тој начин се притиска на модели што носат повисока заработка, во споредба со моделите од пониските сегменти. Renault токму во тие сегменти е меѓу водечките марки во Европа.
















