за

Шоичиро Тојода, заслужен за глобалниот раст на Toyota и татко на Lexus, почина на 97 години

Шоичиро Тојода, поранешен претседател на Toyota, кој ја водеше компанијата што ја основаше неговиот татко во времето на најголемото глобално ширење на марката Toyota, почина на возраст од 97 години.

Како причина за починувањето на најдолговечниот член во управниот одбор на Toyota се наведува откажување на срцето. Закопот ќе се одржи во најтесниот круг на семејството, а посебно ќе се организира јавно збогување на датум што ќе биде одреден понатаму.

Тојода управуваше со компанијата што го носи неговото семејно презиме, во времето на големата затегнатост во трговските односи во 1980-те години. Тој исто така го застапуваше кланот Тојода во управниот одбор цели 57 години, со што е најдолговечен директор во служба на производителот на автомобили. Тој е воедно и татко на тековниот извршен директор на Toyota, Акио Тојода.

Неговото претседателствување со производителот на автомобили, од 1981 до 1992 година, најмногу се помни по отпочнувањето со производство во Северна Америка, како и со основањето на луксузната марка Lexus.

Потегот на јапонскиот производител да почне да произведува возила во САД, во голем дел имаше цел да се надминат трговските несогласувања. Со тоа се смалија трошоците, беше подобрена ефикасноста на работењето и се понудија модели што беа поблиски до барањата на тамошните купувачи

Како дипломиран инженер на Универзитетот Нагоја, на Тојода во компанијата му се обраќаа со Др. Тојода, во чест на неговиот докторат на тема впрскување на гориво. Ова именување помогна и да се прави разлика меѓу него и Еиџи Тојода, братучед на таткото на Шоичиро, кој претходно претседаваше со компанијата.

Во компанијата прочуена по извонредноста во производството, Тојода беше почитуван поради неговиот осет за тоа какви треба да бидат моделите. Вистинска одкука беше автомобилите да се направат попривлечни за американските купувачи, за на тој начин да се постават основите за глобалното ширење на компанијата.

Кога Тојота ја презеде должноста во јули 1981 одина, сите модели на Toyota што се продаваа во Северна Америка доаѓаа од увоз. Кога тој си замина од функцијата во 1992 година, дури 40 проценти од продажбата отпаѓаше на возила од локално производство.

Во времето на Шоичиро Тојода, продажбата на Toyota се зголеми од 3,34 милиони возила во 1981 година, на 4,64 милиони возила во 1992 година.

Тојода го одобри и отворањето на првата фабрика за монтажа на возила во Европа, во Бурнастон, Англија, како и првата фабрика во Канада, во Кембриџ, Онтарио.

Меѓу големите пресвртници секако дека се вбројува и лансирањето на луксузната марка Lexus. Првиот модел од марката, Lexus LS 400, стартуваше во 1989 година. Тајниот проект за марката Lexus остана да мирува во времето на Еиџи Тојода, но Шоичиро дотолку повеќе почна да притиска за проектот да се реализира и го почна развојот во 1983 година.

Првата генерација на Lexus LS од 1989 година

Основањето на марката Lexus го поттикна еден модел на Toyota, што американските купувачи го отфрлија во далечното минато, како слабо моторизиран и небезбеден автомобил.

Тоа е првиот увезен модел на јапонската марка во САД, Toyopet Crown, кој не доживеа успех на тамошниот пазар. Во 1960-те, Тојода имаше важна улога во воведувањето на прочуениот систем за проверка на квалитетот на Toyota. Тоа беше основата за марката да стекне имиџ дека квалитетно ги изработува своите модели.

Во својата серија колумни за јапонскиот дневник Нихон Кеизаи, Тојода во 2014 година ќе напише: „Баравме прецизност што ги надминува границите на машинските алатки во тие денови, и којашто технологијата на производство ја сметаше за неизводлива.“

Инженерот и менаџер понатаму опишува: „Ја подобрувавме прецизноста на нашите алатки и ги решававме проблемите еден по еден. Ги престигнавме Mercedes и BMW во прецизноста на зглобните врски, со користење роботи на лента за големосериско производство. Mercedes и BMW тоа го работеа рачно. Сменивме многу норми во производството.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Три модели на Kia се финалисти во изборот за Светски Автомобил

Renault Espace прерасна во СУВ, покус од Austral, попросторен од претходникот