за

Четирилисната детелина на Alfa Romeo сто години донесува среќа во трка

Беџот со четирилисната детелина, прочуениот Quadrifoglio, Alfa Romeo го примени првпат на своите тркачки возила, на Тарга Флорио во 1932 година.

Alfa Romeo одбележува еден век откако првпат го постави беџот Quadrifoglio на своите автомобили. Првично наменет да донесува среќа за време на Тарга Фиорио во 1923 година, Quadrifoglio, четирилисна детелина на италијански јазик, прерасна во обележје на тркачкото наследство на Alfa Romeo. Оттогаш, значката Quadrifoglio ги краси тркачките автомобили и најмоќните и најексклузивни сериски модели.

Денешните верзии Quadrifoglio од моделите Giulia и Stelvio го користат 2,9-литарскиот V6 со битурбо натполнење, со 510 КС и 600 њутнметри. Спринтот им трае покусо од четири секунди.

Почетоците се на Тарга Флорио на Сицилија во 1923 година, кога на тркачката (Corsa) изведба на моделот RL, беше нацртана четирилисна детелина за да донесе среќа. Италијанците се надеваа дека ќе ја постигнат својата прва голема победа на меѓународна трка. Уго Сивочи победи, а неговиот тимски колега Алберто Аскари беше втор. Тоа е најблескав можен почеток на тркачкото поглавје на Alfa Romeo. Понатаму секоја тркачка Alfa Romeo возеше под амблемот на Quadrifoglio.

Автомобилите на Alfa Romeo со четирилисната детелина победија на некои од најпрестижните натпревари во мотоспортот, вклучувајќи ги секако двата први шампионати во Формула 1, четири победи на Леман, шест титули на европски шампион во трки со туристички автомобили, десет триумфи на Тарга Флорио, единаесет победи на Миле Миља и два светски шампионати со спортски прототипи.

Меѓу последните сериски модели на Alfa Romeo што имаат возено под името Quadrifoglio се Sprint, 90, 33, 75, 164, 145, Spider, Mito и Giulietta.

Giulia Quadrifoglio постави време од 7 минути и 32 секунди на легендарниот Северен Јазол на Нирбургринг, додека на СУВ-изведбата Stelvio ѝ беа потребни триесет секунди повеќе. Двата модели имаат освоено повеќе од 22 награди, меѓу кои и два наслови за „највозбудлив автомобил со високи перформанси“ во изборот на автомобили на годината на британскиот What Car?.

New item by Automedia MK / Google Photos

Најновото поглавје за тркачкото педигре зад значката Quadrifoglio им припаѓа на ексклузивните Alfa Romeo Giulia GTA и GTAm. Првпат користена во 1965 година, ознаката GTA е кратенка од Gran Turismo Alleggerita, односно „олеснет гран туризмо“. Со користење на искуствата на тимовите на Alfa Romeo во Фромула 1 и на инженерскиот тим на Sauber, GTA-моделите располагаат со најдобар сооднос меѓу тежината и моќноста во класата.

Низ годините, некои модели ја носеа значката Quadrifoglio, додека други модели имаа варијанти на ознаката Quadrifoglio. Тоа се варијантите Quadrifoglio Verde (четирилисна зелена детелина) за модели со високи перформанси и Quadrifoglio Oro (четирилисна златна детелина) за врвните модели во понудата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alfa Romeo (@alfaromeoofficial)

Прв патнички автомобил под знакот на Quadrifoglio е токму Giulia TI Super од 1963 година изработена во само 501 примерок, со смалена тежина. Први модели со „златна детелина“ се Alfetta (1980) и Alfasud (1983). Варијации на Quadrifoglio се и ознаките за технологиите што ги има користено Alfa, од типот на погон на сите тркала Q4 или автоматски менувач Q-Tronic.

Нов дизајн на историската ознака во чест на јубилејот

New item by Automedia MK / Google Photos

За одбележувањето сто години на Quadrifoglio, Alfa Romeo го прикажа новиот дизајн на значката. Новото лого е дизајнирано од Centro Stile Alfa Romeo, со златна рамка што укажува на стоте години.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Espace прерасна во СУВ, покус од Austral, попросторен од претходникот

Volkswagen ќе го пушти осветленото лого во серија