Renault Arkana е најава за идниот купе-теренец што е базиран врз рускиот Kaptur и ќе се продава во Русија и неколку азиски земји. Европските купувачи ќе мора да чекаат на СУВ-купе во понудата на Renault
Renault повеќепати го најавуваше концептниот автомобил што сега доживува премиера на салонот во Москва. Ако во почетокот се чинеше дека се најавува само блага купе-рестилизација на постоечкиот Renault Kaptur (различен од европскиот Captur), сега се покажува дека долгата најава за автомобилот вредела.

Renault Arkana засега е концептен автомобил, но е сосем извесно дека моделот ќе доживее своја сериска изведба. Renault Kaptur, кој служи како база, наменет е за рускиот пазар и нема ништо заедничко со Captur каков што го познаваме од нашите улици. Техничката основа е идентична со Dacia Duster, додека Captur ја дели платформата со Clio. Поради тоа, рускиот СУВ е погабаритен и помасивен, со димензии што се поблиску до Renault Kadjar, отколку до Captur.
Renault Arkana е прв купе-СУВ во стилот на BMW X4 (и X6) и Mercedes GLC Coupe во компакт класата
Појавувањето на Arkana не е толку безначајно, затоа што станува збор за прв СУВ-купе во компакт класата. Купувачите на коишто им се допаѓа стилот на купе, досега можеа да избираат од BMW X4 и Mercedes GLC Coupe нагоре. Рускиот модел ќе биде неспоредливо поевтин, а како што изгледа, и мошне привлечен за купувачите. Стилски печат на Renault Arkana е светлосната лента по целата ширина на опашот.

Робусната нота на теренец доаѓа од пластичните облоги на праговите и на арките на крилата, и секако, од каросеријата којашто е подигната повеќе од земјата. Бандажите од 19 инчи ја заокружуваат целината со потребната доза динамика. Предниот дел, пак, целосно ги следи линиите на стандардниот Kaptur. Разликата кај студискиот автомобил ја прави хромираната решетка на маската, во комбинација со дневните светла кои потсеќаат на заби на сабјест тигар и се заштитен знак на Megane и Talisman. Стаклениот покрив е речиси „стандардна опрема“ кај концептните автомобили.
Купе изведбата од Renault Kaptur ќе се продава првенствено во Русија и на неколку азиски пазари. Понудата од мотори ја сочинуваат 1,6-литарски бензинец со 114 КС и дволтиарец со 143 КС, двата „атмосферци“, без турбонатполнење. Посилниот мотор може да се комбинира со четиристепен автоматик.
Продажбата на рускиот пазар ќе стартува веќе в година, а производството ќе се одвива во фабриката во близина на Москва. Подоцна моделот ќе почне да се произведува и во неколку азиски земји за локалните пазари.
Засега нема потврда дека Renault планира да развие купе изведби и од СУВ-моделите за западноевропскиот пазар.
















