За седум месеци на пазарот во Русија се продале близу еден милион нови автомобили. Според Топ 10, Русите купуваат лимузини од странски марки со локални фабрики. Цените се вчудовидувачки. Седум модели од топ-десетката воопшто не се нудат на нашиот пазар
Вестите од западноевропскиот пазар веќе стануваат еднолични во ова летно затишје. Обично се јавува за нова серија сервисни повици за дизелите на Volkswagen, или пак, организација што има интерес за регионот да остане зависен од увозот на нафта, објавува студија во којашто електричните автомобили се штетни за животната средина. Од друга страна, раздвижување на македонскиот пазар на автомобили и натаму не се случува. Затоа, Русија.
Во првите седум месеци од годинава, на рускиот пазар е постигната продажба на 992.672 патнички автомобили. Само во јули, продажбата достигнала зголемување за 10,6 проценти во споредба со истиот месец лани, со вкупно 143.452 возила.
Пазарните аналитичари ценат дека зголемувањето на продажбата се должи на тоа што расте и вербата во иднината кај Русите
Овие бројки потврдуваат дека постепено заздравува пазарот на нови автомобили во големата земја. Продажбата, всушност, бележи раст во континуитет од 15 месеци наназад. Локалните аналитичари ценат дека напредокот во продажбата се должи на тоа што расте вербата за иднината кај купувачите. Тоа ги охрабрува Русите да ги заменат старите автомобили со нови.
Lada е најпродавана марка на рускиот пазар на нови автомобили во јули, со вкупно 29.389 продадени возила. Најпродаван модел во јули е Lada Vesta, со 8.991 примероци.
Топ 10 Најпродавани автомобили во Русија
за периодот од јануари до јули
(сите 10 модели се од локална продукција, наведените цени се однесуваат на основниот модел за рускиот пазар, со вклучен ДДВ и испорака од салон)
1-во место · Kia Rio
59.359 примероци (+8,0%)
Цена на основен модел: 669.900 рубљи (8.700 евра)
2-ро место · Lada Vesta
58.626 примероци (+30,0%)
Цена на основен модел: 584.900 рубљи (7.600 евра)
3-то место · Lada Granta
53.271 примероци (+5,9%)
Цена на основен модел: 369.900 рубљи (4.800 евра)
4-то место · Hyundai Solaris
39.208 примероци (-1,2%)
Цена на основен модел: 679.900 рубљи (8.850 евра)
5-то место · Hyundai Creta
38.533 примероци (+29,0%)
Цена на основен модел: 879.900 рубљи (11.450 евра)
6-то место · Volkswagen Polo
32.584 примероци (+21,0%)
Цена на основен модел: 599.900 рубљи (7.800 евра)
7-мо место · Lada Largus (Dacia Logan MCV)
24.606 примероци (+32,1%)
Цена на основен модел: 514.900 рубљи (6.700 евра)
8-мо место · Renault (Dacia) Duster
24.326 примероци (+5,5%)
Цена на основен модел: 584.000 рубљи (7.600 евра)
9-то место · Skoda Rapid
19.743 примероци (+16,8%)
Цена на основен модел: 646.000 рубљи (8.400 евра)
10-то место · Lada Xray
19.700 примероци (+8,9%)
Цена на основен модел: 569.900 рубљи (7.400 евра)
Заклучоците по оваа „пазарна авантура“: Од десетте најпродавани модели на рускиот пазар до јули, десет се произведуваат во домашни фабрики; Од десетте модели, дури седум се недостапни на македонскиот пазар; Автомобилите кои всушност најмногу одговараат за нашиот пазар, достапни се во Русија.
И конечно: На македонскиот пазар пристигаат модели коишто се наменети за западноевропските купувачи, што важи првенствено за цената. Бидејќи возилата се недостапни за најширокиот круг купувачи, изборот паѓа на автомобилите што запаедноевропските купувачи повеќе не ги сакаат. Руските автомобили остануваат во Русија, ние остануваме автомобилскиот отпад на Европа.