за

Најпродавани автомобили во Македонија во март

Бројките за најпродаваните модели во Македонија и натаму се неофицијални, но барем приближно ја прикажуваат конкурентската битка на пазарот.

kia sportage black edition n

Според Царинската управа, во Македонија во март биле увезени 531 нови автомобили, вклучувајќи лесни доставни возила. Според неофицијални податоци, првите две места меѓу најпродаваните модели им припаѓаат на два СУВ-модели и во тој поглед сме сосем во тренд со Европа. Продажбата пораснала за 25 проценти во споредба со ланскиот март, во времето на првиот бран на пандемијата.

Чуден е патот на податоците за продажбата на нови автомобили во Македонија. За да доспеат до редакцијата на Аутомедиа, тие треба прво да излезат во регионалните статистики. Тоа не е ништо ново, а исто така не е новина и дека меѓу увозниците сé повеќе се намалува расположението за комуницирање на чувствителните информации. Причината за тоа е нетранспарентното прикажување на бројките за продажбата, односно кажано во народски жаргон, некои увозници „си ги измислуваат бројките“. Поради тоа, некои компании ограничено ги комуницираат податоците. Исто така не се разграничуваат возилата што влегуваат во тендерски зделки, како и возилата што се регистрираат како службени и возила што ги купуваат приватни лица. Посебно се забележува и за реекспортите. Следните податоци „личат“ доволно веродостојно, па затоа по подолго време вашата Аутомедиа повторно ги објавува овие податоци.

Според единствените официјални податоци, од Царинската управа, во Македонија во март биле увезени 531 нови автомобили и лесни доставни возила. Во споредба со истиот месец лани, тоа е за близу 25% повеќе, односно на секои четири продадени нови возила во март лани, годинава има едно возило повеќе. Во овој период лани, како што благословениот time.mk верно прикажува во својот пребарувач на содржини, во март лани уште се пријавуваа „рекордни 44 инфицирани од ковид“, а беа регистрирани и случаите со двете родилки во Куманово.

Вкупно во првото тромесечје се продадени 1.348 нови автомобили, наспроти 1.401 автомобили во истиот период лани. Трендот на благо намалување се должи на фактот што лани во јануари и февруари се продавале повеќе возила отколку во истите месеци во 2021 година. Генерално, може да се очекува дека продажбата ќе продолжи да се држи во позитивна рамка. Примерите со бројни пазари ширум Европа докажуваат дека продажбата „се враќа“. Автомобилите се потреба, купувањето нов автомобил е процедура што е планирана и подготвувана со години, така што реално се случува само одложување на моментот на влегување во салон – со резервата дека сепак мора да се постапува внимателно во овој период што и финансиски е погоден од пандемијата. Продажбата уште не е вратена на претпандемиското ниво – во март ’19, во Македонија биле продадени 626 нови патнички автомбоили, односно вкупно 1.510 возила во првите три месеци.

Со најголема резерва, податоците за најпродаваните модели во Македонија во март 2021 година

Најпродаван модел во убавиот пролетен месец бил Kia Sportage со 25 примероци. За целиот прв квартал, неофицијалните бројки прикажуваат продажба од 62 примероци. Со тоа, Sportage е втор најпродаван модел во Македонија во првите три месеци од годината. На второто место е Hyundai Tucson од генерацијата што во меѓувреме доживеа замена со нова. Конкурентот на Kia постигнал 22 продажби или вкупно усреќил 42 нови сопственици и сопственички годинава. Трет по продажба е Citroen C3, со дваесет примероци, воедно и најпродаван модел за првите три месеци, со 66 возила. Францускиот градски автомобил обично е предмет на критика за пријавените бројки. Исто и четвртото место му припаѓа на модел на Citroen, на C-Elysee, со 16 примероци во март и „непознат“ вкупен број на продадени возила во првите три месеци.

Затоа, околу петтото место меѓу најпродаваните модели за Skoda Octavia нема никакви сомневања. Вкупно 13 примероци во март и 38 примероци од јануари до март. Сé е чисто. Исто така не изненадува и Toyota Corolla, којашто го дели петтото место со чешкиот бестселер и од којашто Тојота Авто Центар во март испорачала 13 примероци, односно вкупно 32 возила до март.

Новина е Toyota Proace, кој исто има реализирано 13 продажби. Dacia Duster заостанува со само едно возило помалку и со вкупно 34 продадени примероци до март. Исто толку има постигнато и Opel Corsa, од марката којашто во меѓувреме премина во портфолиото на Еуроимпекс, па понатаму може да се очекува дека германскиот модел ќе котира високо во продажбата.

Golf 8 за три месеци се продал во вкупно 28 примероци во првите три месеци

На десеттото место има четири модели. Volkswagen Golf, Opel Astra, Toyota Aygo и Fiat Doblo, сите имаат по 11 продажби во третиот месец од 2021 година. Од сите нив, единствено фигурираат продажбите на ниво на цел квартал за Golf, според кои култниот модел во својата осма генерација постигнал 28 продажби годинава.

Понатаму следат Renault Clio со 9 продадени примероци и Peugeot 208, со седум продадени примероци во март. Кај Peugeot веројатно ќе се покаже реалната продажба во април, којашто треба да е многу повисока од оваа што е регистрирана во нашата неофицијална статистика. На тоа меѓу другото укажува и примерната бројка за 29 продадени возила од овој модел во првите три месеци, исто колку и од директниот конкурент Clio. Македонскиот Renault моментно има мошне силна кампања за својот најпродаван модел, што е сосем извесно дека ќе се покаже во продажбите за април и мај. Секако дека меѓу најпродаваните модели веќе со години не смее да недостига и најпрестижниот во целата оваа група, Toyota RAV 4. За него, мартовската продажба прикажува 5 примероци, односно вкупно 29 примероци до март.

На ниво на марки, најпродавана е Škoda со 47 примероци, пред Kia со 44 примероци и Toyota со 42 возила во март. Понатаму следи Citroen (37), а водечката петорка ја заокружува Opel со 26 возила.

Peugeot со раст од 142%, Mercedes трета најпродавана марка во Европа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

РСБСП со апел: Внимателно и одговорно зад воланот за време на празниците!

Светскиот ден на велосипедите е ден и за Skoda

Денес е ден против вревата: Се слави тишината