Според првичните податоци, Dacia Sandero е најпродаван модел во Европа во мај. Два месеци во низа, овој модел ја предводи европската продажба на автомобили, а во пет месеци годинава, Sandero трипати се најде на чело.
Dacia во минатиот месец продаде 20.808 примероци од својот градски модел, што претставува раст од 75 проценти во споредба со истиот месец лани. Sandero претходно веќе беше број 1 на европскиот пазар во јануари и во април.
Додека се комплетираат податоците од сите пазари, три модели можат да му го загрозат водството на Sandero. Најблиску е Tesla Model Y, а по неа се Volkswagen T-Roc и Peugeot 208, според податоците од истражувачката куќа Dataforce.
Tesla во мај продала 17.812 примероци од својот СУВ од средната класа Model Y, за над 2.000 примероци повеќе во споредба со лани, со разлика од 2.996 примероци со романскиот модел. Првичните статистики се засноваат врз податоци добиени од 93 проценти од пазарот во ЕУ, во ЕФТА (Швајцарија, Норвешка, Исланд и др) и Обединетото Кралство.
На Volkswagen T-Roc му недостигаат 3.145 примероци зад Sandero – и само 149 примероци зад Model Y – додека Peugeot 208 мора да надомести со 3.645 возила за да ја достигне продажбата на бестселерот на Dacia.
Renault Clio исто така се држеше одлично во минатиот месец, со продадени 16.829 возила, според првичните податоци. Францускиот конкурент и воедно роднина на Sandero, ја зголемил продажбата за 80 проценти во споредба со мај лани.
Со комплетирањето на податоците од останатите пазари е можно да се случат промени во местата на најпродаваните модели.

Model Y повторно се приклучи во борбите за највисоките позиции на европскиот пазар, откако во април излезе од Топ 10. Тогашниот пад на електричниот СУВ, што се произведува во Кина и Германија, следеше по мартовската продажба од 46.000 примероци, кога Tesla Model Y стана најпродаван модел во месецот, но и вкупно во првите три месеци од годината.
Dacia Sandero оттогаш постојано ја победува Tesla Model Y и во продажбата до мај води со повеќе од 8.900 примероци (96.647 наспроти 87.732 возила), според првичните податоци од Dataforce.
VW веројатно ќе има три модели во Топ 10 во мај: T-Roc, Golf и Tiguan. Голем напредок постигна и Skoda Octavia, враќајќи се во Топ 10 со раст од 195 проценти и продадени 14.486 возила. Octavia во април исто така имаше огромен скок, со дури 222 проценти.
Историски, Tesla постигнува голем скок во последните месеци во кварталите, како што беше случај во март. Тоа значи дека може да се очекува уште еден голем скок во продажбата на Model Y, откако ќе пристигнат податоците за јунската продажба.
Осум од моделите во Топ 10 постигнале зголемување на продажбта во мај. Единствен исклучок се Peugeot 208 и Opel Corsa.
Меѓу останатите модели во Топ 50, што постигнале најзабележлив скок во минатиот месец, се VW ID4 (+117 проценти) и Dacia Jogger (+97 проценти).
















