за

Електричните автомобили ќе држат 20% од пазарот во ЕУ в година

Вкупниот автомобилски пазар ќе напредува за само 2,5%, меѓутоа продажбата само на електричните автомобили ќе порасне за 40%, благодарение на подостапните модели.

Уделот со којшто електричните автомобили учествуваат во вкупната продажба на европскиот пазар в година ќе се зголеми за 43 проценти. Главната заслуга за тоа ја има напливот од нови и подостапни модели. Тоа го предвидува лобито на европската автомобилска индустрија АЦЕА.

Со предвидениот раст, уделот на батериските електрични автомобили во 2024 година ќе се зголеми на 20 проценти. За годинава се предвидува дека уделот ќе достигне 14 проценти. Тоа го изјави Лука де Мео, претседател на АЦЕА, здружение на европските производители на автомобили. Наспроти тоа, за целиот автомобилски пазар за в година се предвидува раст од само неколку проценти.

Де Мео, кој е воедно извршен директор на Рено Група, кажа дека лансирањето на достапни батериски електрични автомобили ќе помогне да се зголеми уделот на електричните возила.

„Тоа ќе има влијание врз продуктите. Се обидуваме да примениме електрични погонски спреги во производи што повеќе се наменети за широкиот пазар и се темел на пазарот,“ кажа де Мео, наведувајќи ги идните малечки електрични автомобили, како што се достапните модели со погон на струја од концернот Фолксваген и електричниот Рено 5.

Овие автомобили ќе користат помали и поевтини батерии, што ќе овозможи да се намалат цените и да се зголеми побарувачката. Рено 5 ќе се продава по цена од околу 25.000 евра, а во следните две години ќе се појават модели од Ситроен и Рено што ќе чинат и под 20.000 евра.

Ситроен Њу е-Ц3 ќе се произведува во Словачка и ќе се продава по цени почнувајќи од 23.300 евра. Во 2025 година следи модел со помал досег и цена од 19.900 евра.

Мал раст на пазарот во 2024 година

Вкупниот автомобилски пазар во ЕУ годинава ќе постигне раст од 12 проценти, кажа генералната директорка на АЦЕА, Сигрид де Врис. Вкупниот пазар ќе достигне 10,4 милиони автомобили, што е за 20 проценти под продажбата во 2019 година, пред пандемијата. Предвидувањето за 2023 е над петте проценти што АЦЕА ги процени како раст на пзарот во јануари годинава.

Растот во 2024 година ќе изнесува околу 2,5 проценти, со вкупно продадени 10,7 милиони автомобили, кажува де Врис. Други аналитичари, меѓу кои банката ИНГ и истражувачката единица на групацијата Економист, исто така наведуваат мали, едноцифрени вредности за растот во Европа.

Најдостапниот модел со целосно електричен погон на македонскиот пазар во моментов е Дачиа Спринг, произведена во Кина. Домашниот пазар одвај зема на знаење дека вооошто постои таков автомобил · Онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Dacia Spring Essential

Предвидувањата од АЦЕА доаѓаат во време кога производителите на автомобили ширум светот се соочуваат со забавување во продажбата на електрични возила. Неколку големи пазари, како Германија, ги скусија субвенциите, од друга страна купувачите негодуваат за високите цени, а мрежата од полначи се гради бавно и се развива нерамномерно.

Тоа ги стави под знак прашање намерите на производителите на автомобили за целосно да се префрлат на батериски електрични возила уште пред да стапи на сила забраната на ЕУ, со којашто по 2035 година во унијата повеќе нема да се регистрираат нови автомобили со мотор со внатрешно согорување. Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, неодамна објави дека концернот што тој го води мое да ја смени стратегијата „доколку политичкото и јавното мисчење бара помалку електрични возила.“

Нема назад

Де Мео кажа дека европската автомобилска индустрија останува целосно обврзана да ги исполни целите за нулта емисија на штетни материи. Тоа ќе се постигне главно преку батериски електрични возила, иако тој спомна дека во иднина може да има место и за возила со погон на водород и за користење вештачки горива во моторите со внатрешно согорување.

„Ќе имаме качувања и падови со електирчните возила, но во подолг рок, нема отстапка, зашто така пишува во законите,“ кажа тој, упатувајќи на Зелениот Пакт за 2035 година.

Производителите на автомобили се подготвени со достапни електрични возила за Европа да им се спротивстават на кинеските производители

Политичката клима во Европа и во САД, којашто во изминатите години им даваше предност на електричните возила, можно е да се смени во 2024 година, кога ќе се избираат пратеници за новиот Европски Парламент и ќе се гласа за нов претседател на САД.

АЦЕА, во којашто членуваат повеќето поголеми производители на автомобили и камиони во Европа, со исклучок на Волво и Стелантис, во средата ги објави своите приоритети за следната петолетка, за периодот до 2029 година.

Де Мео кажа дека браншата се соочува со осум до девет регулативи на ЕУ што ќе стапуваат на сила секоја година до 2030 и дел од нив се во конфликт.

„Доколку релативата притиска врз цената на производите, тогаш пазарот ќе биде многу помал отколку во минатото,“ кажува претседателот. „Јасно го гледаме притисокот врз луѓето коишто не можат да си дозволат нови автомобили.“

Индустријата ги доби концесиите

АЦЕА изврши притисок врз ЕУ за закони за емисија што се „неутрални во поглед на технологијата“ и општо се противеше на повеќето ставови за предложената нова норма за издувни гасови Еуро 7. Лобито негодуваше за поскапувањето кон кое што ќе води новата норма, посочувајќи дека на производителите не им се дава доволно време, за инвестициите да ги префрлат од мотори со внатрешно согорување, во развој и производство на возила со електричен погон.

Браншата извојува неколку победи во изминатите месеци. Сменетиот предлог за Еуро 7 е многу послаб од првичната замисла. Повеќето гранични вредности за емисијата на штетни материи остануваат на исто ниво со постоечката норма Еуро 6.

Исто и вештачките е-горива се изземени од крајниот рок на ЕУ, по 2035 година во унијата повеќе да не се регистрираат возила со мотор со внатрешно согорување. Во Обединетото Кралство, вториот најголем пазар во Европа, владата на премиерот Риши Сунак го одложи крајниот рок од 2030 за 2035 година.

Воочи очекуваниот наплив од поевтини електрични автомобили од Кина, Европската Комисија отпочна истрага за масивните субвенции што кинеските производители ги добиваат од државата, за производството да биде поевтино и тие автомобили да бидат повеќе конкурентни на пазарот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дачиа цели повисоко со новиот Дастер, цената ја држи конкурентна

Во Белгија задолжителна проверка за дрога по судир