за

Дачиа цели повисоко со новиот Дастер, цената ја држи конкурентна

Првото целосно обновување на СУВ-бестселерот на Дачиа му донесе нова платформа на Дастер, хибриден погон и подопадлив изглед.

Дачија цели повисоко со третата генерација на малечкиот СУВ-модел Дастер. Во понудата се додадени изведба со благ хибриден и со целосно хибриден погон. Романците тврдат дека цените ќе ги држат блиску до постоечкиот модел, којшто почнува од околу 18.000 евра.

Дачиа, буџет марката заради која што конкурентите му завидуваат на Рено, ќе го претстави новиот Дастер на салонот во Женева, на 26-ти февруари. Испораката ќе започне во вториот квартал.

„Дастер е иконски модел на Дачиа – таа е емотивна и рационална во исто време, безвременски модел што веќе е придружничка на 2,2 милиони сопственици,“ кажа извршниот директор на Дачиа, Денис Ле Во, на првото претставување на возилото на 13-ти ноември, во португалски Кашкаиш.

Дастер е втор најпродаван модел на Дачиа во Европа, по градскиот модел Сандеро.

Дачиа ќе ги објави цените на новиот Дастер непосредно пред почетокот на продажбата напролет. Тековниот Дастер ќе остане во производство уште извесно време по почетокот на продажбата на новиот модел. Според онлајн-каталогот за сите нови модели што се продаваат на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК, Дастер во моментов почнува од 22.440 евра, за изведба со 1,0-литарски мотор со погон на автогас.

Ксавиер Мартине, директорот за продажба и маркетинг на Дачиа, извјави за Аутомотив Њуз Европа, дека марката очекува во иднина да продава по околу 200.000 примероци од Дастер на годишно ниво, сметајќи ги двете генерации што ќе се продаваат паралелно в година.

Дастер во 2022 година се продаде во 197.000 примероци во Европа и на блиските пазари, заедно со Турција и Мароко. Околу 55.000 возила под знакот на Рено се продадени на глобално ниво.

За продажбата на Сандеро за годинава се очекуваат 270.000 примероци, кажа Мартине. На тоа следат уште 100.000 примероци од компактниот кросовер Џогер, како трет најпродаван модел на романската марка на Рено Груп.

Првата генерација на Дастер ја имаше својата премиера во 2010 година. Седум години подоцна беше претставена втората генерација, којашто е конструирана врз истата платформа Б01 на Рено-Нисан.

Третата генерација на Дастер ќе се произведува врз верзија на платформата ЦМФ-Б на Рено-Нисан. Истата платформа веќе ја користат Сандеро и Џогер.

Новиот Дастер со 4.341 милиметар има иста должина со моделот во заминување, но нуди повеќе простор за патниците. Багажникот е поголем зголемен за 6 проценти и собира 472 литри во изведбата со преден погон.

Висината е скусена за 30 милиметри, на 1.660 милиметри, со цел да се смали површината на профилот и да се подобри аеродинамичноста.

Повпечатлив и самоуверен изглед

Дизајнот на Дастер, со поостри површини, инспириран е од концептот Манифесто од 2022 година. Линијата на појасот (делот од каросеријата до прозорците) е во иста линија со профилот на хаубата, за да се постигне помоќен изглед, наведуваат од Дачиа. Покривот се спушта наназад, заради подобрување на аеродинамичноста, а во исто време тој додава и спортска нота.

Новото лого на Дачиа се забележува во тенката горна маска, којашто е одвоена од долната маска со површина што е лакирана во боја на каросеријата. Диодните предни светла се во форма на чатал. Кутиестите задни светла на постоечкиот модел се заменети со светла што исто така имаат графика во форма на чатал.

Црните облоги на арките на крилата, што се обележје на Дастер уште од првата генерација, направени се поголеми и повпечатливи. За да се нагласи теренската способност, во почетокот на вратите е додаден поголем пластичен панел.

Материјалот што се користи за овие додатоци е наречен Старкл, и содржи 20 проценти рециклиран пропилен. На панелите во вратите е напишано името Дастер и додаден е знак дека се работи за рециклирани материјали.

Дачиа посочува дека меѓу предностите на Старкл е тоа што материјалот не е бојадисан, поради што малите гребаници одвај ќе се забележат.

Сменет изглед на таблата со инструменти

Таблата со инструменти е со правилни геометриски форми и вклучува дигитални инструменти од 7 инчи, уште во основната изведба. Во нивото Есенцијал, средишниот дисплеј навистина е есенцијален: Тоа е дисплеј од 3,5 инчи, што исто така служи како патен компјутер. Со преземање на апликацијата Дачиа Медиа Контрол, со радиото и со функциите на мултимедијата може да се ракува и преку паметен телефон.

Во второто и третото ниво, Експресија и Екстрем, стандард е средишен дисплеј од 10,1 инчи.

Во врвното ниво Џурни, дополнително се добиваат навигација и информации за сообраќајот во вистинско време. Во сите останати нивоа, навигацијата се раководи според паметниот телефон што ќе се поврзе со системот.

Дачиа патентираше систем што е наречен ЈуКлип за брзо и лесно додавање и откачување додатоци во кабината. Дастер стандардно располага со седум предвидени места за ЈуКлип. Едно од тие места е десно од воланот, предвидено за телефон, друго место е во средишниот тунел покрај совозачкото седиште, за закачување торби. Две закачалки ЈуКлип се стандард во багажникот. Во повисоките нивоа може да се доплати за уште две закачалки, зад предните седишта, за таблет и за забава на патниците на задната клупа.

Блага хибридна изведба, целосно хибридна изведба

Гамата на новиот Дастер почнува со 1,0-литарски трицилиндарец Еко-Г со 100 КС, што фабрички е приспособен да работи на автогас. Со полн сад од 50 литри за автогас и со полн резервоар за 50 литри бензин, Дачиа тврди дека Дастер може со едно полнење да мине 1.300 километри.

Нов мотор во Дачиа е 1,2-литарецот со три цилиндри на Рено, со турбонатполнење и 130 КС. Моторот е во комбинација со 48-волтен благ хибриден погон, со батерија од 0,9 киловатчас. Овој мотор, што работи во милеров циклус, поштедлив е за 10 проценти во споредба со обичен мотор без електрификација.

Дастер ќе биде достапен и во изведба со целосно хибриден погон Е-Тек, којшто се нуди во Џогер и во модели на Рено, вклучувајќи ги Клио и Каптур. Погонот го сочинуваат 1,6-литарец со 94 КС, електромотор со 49 КС (системски 40 КС) и батерија од 1,2 киловатчас.

Според Романците, целосниот хибрид ја намалува просечната потрошувачка за 20 проценти, односно градската потрошувачка за 40 проценти. Во град, Дачиа 80 проценти од патот ќе минува на струја. Секое поаѓање е на струја.

Во Северна Африка ќе се продава и дизел изведба, но не и во Европа.

Верзија со погон 4х4 останува во понуда

Додека повеќето конкуренти се откажаа од изведби со погон на сите тркала кај своите најмалечки СУВ-модели, со цел да ја намалат емисијата на ЦО2 на ниво на марка, Дачиа и натаму ќе го нуди погонот во Дастер. Дури, додадени се два нови режими на работа.

„Теренската способност е меѓу главните обележја и така ќе остане и во новиот Дастер, којшто е вистински и природен 4х4,“ кажува Ле Во.

Погонот на сите тркала во почетокот ќе биде достапен само во изведбата со благ хибриден погон со 130 КС, а подоцна ќе се воведува и за останатите мотори.

Двата нови режими на работа се приспособени за возење по Снег и Кал/Песок. Покрај нив, остануваат трите режими на работа Ауто, Еко и Терен (офроуд). Последниот режим е унапредување на режимот со заклучена распределба на вртежниот момент меѓу оските кај постоечкиот модел. Тој сега ги зема предвид тракцијата со подлогата и брзината на возење.

Новиот Дустер стандардно е опремен со осум напредни системи за асистенција, вклучувајќи самостојно запирање при ипасност од судир и систем за задржување во лента. Стандард претставува и обновата на софтверот по пат на податочен облак, исто како кај телефоните.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мерцедес го сели производството на електричниот СУВ од САД во Германија

Електричните автомобили ќе држат 20% од пазарот во ЕУ в година