за

Мерцедес го сели производството на електричниот СУВ од САД во Германија

Преселувањето на производството има за цел во фабриката во Алабама да се ослободи простор за електричниот ГЛЦ што ќе се продава во поголем обем.

Според извори што се упатени во ланецот на добавувачите на производителите на автомобили, Мерцедес-Бенц има намера производството на луксузниот Е-Ку-Ес СУВ да го пресели во Бремен, Германија. Знаменосецот во понудата од електрични модели на Мерцедес-Бенц во моментов се произведува во Венс, Алабама. Смената би требало да се случи по 2025 година.

Од американскиот огранок на Мерцедес-Бенц, којшто раководи со фабриката во САД со 6.300 вработени, не коментираат за веста што ја објави индустрискиот гласник Аутомотив Њуз.

Смената на моделите има за цел да се ослободи простор во фабриката во Алабама, за таму да се произведува електричниот СУВ-модел од средната класа ГЛЦ, што соодветно ќе постигнува поголема продажба. Изворот соодветно го опишува моделот како „кеш кау“, како автомобил што ќе носи голем прилив на готовина во концернот.

Производството на електричниот ГЛЦ во САД треба да започне во првиот квартал од 2026 година, ценат експертите од АутоФоркаст Солушнс. Оваа компанија за пазарно истражување цени дека електричниот ГЛЦ ќе достигне производство од 50.000 примероци уште во првата година. Тоа е повеќе од двојно во споредба со обемот со којшто во моментов се произведува значително поголемиот Е-Ку-Ес СУВ, автомобил што се води како С-Класа меѓу СУВ-моделите.

Со добивањето на Е-Ку-Ес СУВ, продукцијата во фабриката на Мерцедес во Бремен ќе се зголеми за околу 20.000 возила годишно. Таму во моментов се произведуваат повеќе модели, вклучувајќи ги лимузините од Ц и Е-класата, како и СУВ-моделите ГЛЦ и Е-Ку-Е.

Електричниот ГЛЦ ќе го замени тековниот електричен Е-Ку-Це, којшто требаше да биде првиот масовно произведуван електричен автомобил на Мерцедес во САД. Германскиот производител сепак ги откажа тие планови, затоа што беше проценето дека досегот на електричниот СУВ ќе биде недоволен за моделот да постигне поголем успех на тамошниот пазар.

Според информации од дилерите, на коишто во мај им беа соопштени првичните податоци, електричниот ГЛЦ ќе располага со досег од околу 480 километри и ќе има целосно нов дизајн.

Тие опишуваат дека новиот СУВ има повеќе заоблен нос и опаш, наспроти постоечкиот модел со мотор со внатрешно согорување што има повеќе кутиеста форма на каросеријата. Електричниот ГЛЦ ќе има две испакнувања долж хаубата и препознатлива графика на предните светла.

Потпретседателот на АутоФоркаст, Сем Фиорани, вели дека производството на електричниот ГЛЦ во САД ќе овозможи Мерцедес да ги добие државните повластици што се дел од Актот за намалување на инфлацијата. Законот што е на важност од лани, го поттикнува производството на електрични возила и батерии за нив во Северна Америка.

Со замената на луксузниот Е-Ку-Ес СУВ, што има соодветно помала продукција, со помалиот ГЛЦ ЕВ, подобро ќе се пополни капацитетот на фабриката во Венс. Фиорани додава дека со тоа воедно ќе се забрза и преоѓањето на фабриката кон производство на електрични возила. Мерцедес во првите три квартали годинава продаде 7.086 примероци од Е-Ку-ЕС СУВ во САД.

Е-Ку-Ес СУВ учествува со околу 7 проценти во производствениот капацитет од 305.000 возила годишно на фабриката во САД.

Со производството на електричниот ГЛЦ, како релативно помасовен модел, воедно ќе се зголеми и профитабилноста на компанијата, преку скалестиот ефект на производството.

Фабриката на Мерцедес во САД е светски центар за производство и една е од седумте фабрики за монтажа на електрични возила на Мерцедес, на три континенти. Во Алабама, Мерцедес ги произведува моделските серии ГЛС и ГЛЕ со мотори со внатрешно согорување, како и поголемиот дел од глобалната продукција од нивните електрични пандани, Е-Ку-Ес СУВ и Е-Ку-Е СУВ.

САД се клучен пазар за електричните возила

Мерцедес става голем облог во електричните возила и се обврза во почетокот на следната деценија да премине на целосна понуда на електрични возила, на пазарите на коишто тоа ќе има смисла.

На средба во северноамериканските дилери во Ванкувер, Британска Колумбија, во средината на мај, директорката за продажба и маркетинг Брита Зегер, кажала дека компанијата очекува околу 40 проценти од продажбата во САД во 2026 година да отпаѓа на електрични модели, односно 70 проценти до 2030 година, пренесуваат дилерите.

САД се најголем пазар за електричните автомобили на Мерцедес во светски рамки, кажува Зегер. Марката само до април продала околу 12.000 електрични возила во САД, приближно исто колку во цела 2022 година.

Во првите девет месеци од 2023 година, електричните возила учествувале со 14,1 проценти во продажбата на Мерцедес во САД.

Првиот електричен Мерцедес на македонскиот пазар во Мак Аутостар

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Џип Авенџер, создаден за вистинскиот свет: Премиера во Аутомобиле СК

Дачиа цели повисоко со новиот Дастер, цената ја држи конкурентна