за

Зошто суперспортските автомобили имаат пошироки гуми назад?

За разлика од повеќето автомобили, сериските болиди од типот на Ferrari & Co имаат пошироки гуми назад. Има и спротивни случаи.

Кога купувате нови гуми, продавачот обично не прашува за димензијата на гумите на предната и на задната оска. Тоа е случај кај суперспортските автомобили, а во последно време е популарна опција и кај стандардните модели со високи перформанси. Причините се јасни, следи еден кус опис.

Некои автомобили имаат различна димензија на гумите на предната и на задната оска. Во таков случај, на задната оска обично се вградуваат пошироки гуми, со соодветно помала висина на каскадата. Причината за тоа е иста со причината зошто моќните автомобили имаат погон назад: При забрзување, задната оска се оптоварува повеќе отколку предната оска. Поширока гума обезбедува и поголема газечка површина, а тоа значи и поголема површина на којашто се пренесува моќноста од тркалата врз асфалтот.

Од друга страна, соодветно потесни гуми на предната оска се од корист, затоа што тие овозможуваат подобра управливост и поголема агилност при влегување во свијоци или изведување одредени маневри.

Porsche 911 Turbo S, на пример, стандардно доаѓа со гуми со димензија 255/35 ZR 20 напред и димензија 315/30 ZR 21. Тука не се разликува само ширината на гумата и висината на каскадата, туку има разлика и во пречникот на тркалата. Германскиот болид со 650 КС и вртежен момент од 800 њутнметри, што се распределува до сите тркала, на предната оска користи тркала со димензија 9 J x 20, додека тркалата назад имаат димензија 11,5 J x 21. Дополнително проширената трага на задната оска, поради неопходноста од беспрекорна тракција, прави и каросеријата на 911 Turbo да биде за околу педесетина милиметри поширока отколку кај 911 Carrera.

Porsche 911 Turbo S

New item by Automedia MK / Google Photos

Пошироки гуми на задната оска денес може да се нарачаат и фабрички, обично кај лимузините или СУВ-моделите со повисоки перформанси, но и општо кај премиум марките. Mercedes-Benz, на пример, во пакетот за надворешност AMG Line, вклучува гуми со димензија 225/40 R 19 напред и 255/35 R 19 назад, соодветно со тркала со димензии 7,5 J x 19 ET 40, односно 9 J x 19 ET 58,1. Тоа е пакет што стои на располагање и во C 180. Според германскиот ценовник, оваа опција чини околу 1.370 евра.

Mercedes-Benz C-Class

New item by Automedia MK / Google Photos

Експерименти на сопствена рака не се препорачливи, дури се и опасни, затоа што може да дојде до несакана промена на возните својства и на непредвидливо однесување во возењето. Тоа би бил спротивен ефект. Производителите на автомобили, кога нудат опција за гуми и тркала со различна големина на предната и задната оска, вршат и соодветно дотерување на подвозјето. Тоа обично вклучува и приспособување на системите за стабилност.

Audi RS 3 Sportback

New item by Automedia MK / Google Photos

Audi RS 3 е меѓу ретките, ако не и единствен модел на пазарот во моментов, кај којшто може предните гуми се пошироки, отколку назад. Станува збор за нагласено спортски модел со врвни перформанси, со 400 КС, со 500 њутнметри и погон на сите тркала quattro. Предните гуми кај RS имаат димензија 265/30 R 19, задните 245/35 R 19. Има разлика и во ширината на тркалата, напред 9,0 J x 19, назад 8,0 J x 19. Тоа се должи на обемни тестирања и проби, во коишто динамичарите на Audi утврдиле дека е предност, ако напред се наоѓаат поголемите тркала. На тој начин, меѓу другото се компензира и за релативно повисокиот процент од тежината на возилото што паѓа врз предната оска.

New item by Automedia MK / Google Photos

Порано во одредени држави не се дозволуваше регистрирање автомобил со различни димензии на гумите и на тркалата на предната и на задната оска. Тие закони повеќе не важат.

Опасно е со зимски гуми да се вози во лето

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz EQS SUV: Со дизајнерски потпис на Славче Таневски

Peugeot 208 и 308 победија во избор за најдобро возило за фирма